Делегација од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер денеска оствари посета на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. На средбата со домаќините, претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Пеце Ташевски и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, д-р Димитар Трајанов, потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции.20150421_113001
Согласно овој документ, соработката ќе придонесе Комисијата и ФИНКИ да разменат свои знаења и ресурси во насока на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на студентите со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и нивно непосредно ангажирање, преку пракса и волонтерство, во активностите на Комисијата.
Како еден од првите чекори во соработката договорено е одржување на обуки на студентите во врска со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и неговотото користење како алатка за пристап до информации од интерес на студентите. Активноста ќе се одвива преку работилници организирани и изведени од страна на стручни лица од Комисијата.
Од друга страна, професорите и студентите од ФИНКИ ќе имаат можност да промовираат сопствени идејни решенија и апликации, кои ќе бидат имплементирани во натамошното работење на Комисијата, односно во поширока афирмација на правото за пристап до информации од јавен карактер.