Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, г. Димитар Ѓеорѓиевски и Претседателот на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, г. Пеце Ташевски, денеска потпишаа Меморандум за соработка во којшто се истакнува заедничката заложба за остварување на законски утврдените надлежности, но и достигнување воедначена заштита на правото на заштита на личните податоци и правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во Република Македонија.
Активностите кои претстојат ќе бидат насочени кон менување на генералниот впечаток дека правото на приватност и правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер се поставени едно наспроти друго и потенцирање на тенденцијата да се воспостави баланс помеѓу овие две права.
Потврдувајќи ја заедничката определба и интерес за јакнење на свеста на граѓаните за правото на заштита на личните податоци и правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, а воедно имајќи ги предвид исклучоците од Законот за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, особено во делот на заштитата на личните податоци, двете институции во иднина ќе преземат заеднички активности.