На покана од претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија, Пеце Ташевски, денеска во посета на Комисијата престојуваше Берлинскиот Комисионер за заштита на личните податоци и слободата на информирање, Александер Дикс. За време на средбата беше потпишана Декларација за соработка меѓу двете сродни институции.
Во документот е изразена потребата од зголемување на соработката во однос на слободата на информирањето, со цел да биде воспоставена единствена примена на европското законодавство за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Оваа соработка вклучува размена на практични искуства и знаења меѓу експерти на двете институции за полесно обезбедување на информации од јавен карактер, како и на полето на финансирањето на проекти преку користење на финансиски инструменти на Европската Унија.
Потписниците се на заеднички став дека Декларацијата ќе резултира со подобра соработка во меѓусебната размена на искуства и со зголемување на транспарентноста во работата кај имателите на информации.