Делегација од Европската Комисија, предводена од г-дин Елвис Али, денеска ја посети Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Целта на посетата, која всушност претставува продолжение на експертската мисија на Оценската мисија СИГМА од 18.01.2012 година, беше  да се продолжи дијалогот, на работно ниво, за запознавање со состојбите во Комисијата, чии резултати по доставувањето до Европската Комисија,  ќе бидат составен дел од нејзиниот  Извештај кој Република Македонија треба да го очекува кон крајот на месец мај.
На средбата, Претседателот на Комисијата, Пеце Ташевски, на гостите од ЕК им го презентираше работењето на Комисијата, дополнето со најновите статистички податоци, обработени во Нацрт-Годишниот извештај за 2011 година.
Членовите на делегацијата, Барбора Замрска и Лукаш Мелка, на работниот состанок посебно се интересираа за потребите од кадровско доекипирање на Комисијата, за неопходните измени во законската регулатива на слободниот пристап до информации, исполнувањето на надлежностите на Комисијата во областа на едукација на имателите и на барателите на информации, отворените прашања околу ажурирањето на Листата на иматели на информации и друго.
Претседателот на Комисијата, Заменикот на претседателот и претставници на Секретаријатот на Комисијата одговорија на сите поставени прашања од страна на гостите од ЕК, кои изразија задоволство и благодарност за добиената целосна слика за работата на Комисијата и изразија желба и готовност за натамошна почеста и посеопфатна соработка со Комисијата, нудејќи конкретни предлози за истата.