Општина Штип, една од поголемите универзитетски центри во Република Македонија, покрај својата редовна востановена пракса за отвореност на институцијата за граѓаните, денеска своите врати широко им ги отвори на студентите и на средношколците од факултетите и средните училишта.
Иницијативата за настанот потекна од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кои во рамките на својот овогодишен проект, а во коорганизација со општините – универзитетски центри во Република Македонија, планираат повеќе еднодневни Работилници на тема: „Граѓанско запознавање со донесувањето одлуки на локално ниво и остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
20141119_110900_resizedОпштина Штип, преку сопствена обмислена организација, целосно одговори на целта на средбата, конципирана како непосредно запознавање на студентите и средношколската младина со работењето на општинските институции, подигнување на свеста и степенот на запознаеност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и со начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. По обиколката на сите сектори и одделенија во општинската институција, вклучувајќи ја и канцеларијата на градоначалникот, каде директно беа запознати со работата од нивната надлежност, учесниците на настанот присуствуваа на Работилница на која Цветан Станоески и Макфирете Морина, стручни лица од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ги запознаа со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно со можностите кои произлегуваат од него за имателите и за барателите на информации од јавен карактер.
За потемелно запознавање со наведеното човеково право утврдено во Уставот на Република Македонија и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,, на присутните им беа поделени постери, флаери и брошури „До информација“, кои се резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и примероци од брошурата насловена „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат  од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Споменатиот циклус работилници ќе продолжи во текот на ноември и декември во Охрид, Битола, Тетово, Куманово и во Скопје.  
Настанот беше проследен од повеќе пишувани и електронски медиуми, пред кои со свои изјави се обратија домаќинот – градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев, амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет и претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски.