Во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX, а во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во просториите на Комисијата се одржа тридневна Експертска мисија на тема: „Развивање упатства за имплементација на прекршочните одредби и позицијата на политичките партии во областа на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер“. Покрај гостинката г-а Полона Тепина, правен советник во Канцеларијата на Комисијата за информации на Република Словенија, проактивно учество во работата на тридневната работилница зедоа и поголем број претставнци од Секретаријатот на Комисијата, како и службени лица односно претставнци на државни институции, органи и министерства, кои во праксата се соочуваат со одредени дилеми, нејаснотии и противречности по однос на гореспоменатата проблематика.
Како што беше истакнато, иако е независен орган, Комисијата нема право да врши надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и да води прекршочна постапка, без оглед што уште од стартот на примената на Законот сметаше дека директното изрекување на прекршочните санкции од нејзина страна ќе резултира како со поефикасно водење на прекршочната постапка, така и со поефикасно спроведување на одредбите на Законот. Оттаму и произлезе мислењето дека е неопходно натамошно законско прецизирање на статусот на Комисијата во насока на јакнење на нејзината позиција во однос на водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочните санкции. Со позиционирањето на Комисијата како независен државен орган кој самостојно ќе врши надзор врз спроведувањето на одредбите на ЗСПИЈК и ќе води прекршочна постапка, како што е тоа случај со останатите регулаторни тела во државата, ќе се придонесе за поефикасна примена на Законот и за отстранување на одредените недоречености и забуни.
Во моментот Државниот управен инспекторат има законска надлежност да врши надзор над примената одредбите на ЗСПИЈК, со кои е уредена управната постапка во имплементирањето на Законот.
Од аспект на позицијата на политичките партии во областа на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, експертот од Словенија Полона Тепина, рече дека политичките партии во нејзината земја, како и во најголемиот дел од земјите на ЕУ немаат јавни овластувања и не се иматели според Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, туку оваа проблематика е покриена со Законот за финасирање на политичките партии и со други закони со кои се овозможува отчетност на политичките партии. На европскиот континет, според неа, единствено во Полска политичките партии се иматели на информации од јавен карактер, а додека во светски рамки беа споменати Непал и Индонезија.