Меѓународниот ден за слободен пристап до информациите од јавен карактер-28 септември, кој се одвива под мотото „Имам право да знам“, Комисијата за заштита на правотo за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ќе го одбележи со пригоден настан пред Спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија. Претседателот на Комисијата, г-дин Пеце Ташевски и Шефот на Мисијата на ОБСЕ, г-ѓа Нина Суомалајнен за претставниците на медиумите ќе дадат изјави со почеток во 11.30 часот.
Во оваа пригода на Шефот на Мисијата г-ѓа Суомалајнен ќе и биде врачена Благодарница за повеќегодишната успешна соработка на Комисијата со Мисијата на ОБСЕ на полето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер. Комисијата и Мисијата на ОБСЕ, имаат воспоставено плодна соработка, врз база на потпишаниот Меморандум за соработка, кој покрива заедничко планирање, координирање и реализација на проектни активности. Според двата партнера, со заедничкото делување се придонесува за зајакнување на капацитетите на Комисијата и за поуспешно спроведување на нејзината мисија за олеснување на постапката за слободен пристап до информации, како за барателите на информации, така и за службените лица кај имателите, кои ги посредуваат нивните информации до јавноста.