Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Фондацијата Институт отворено општество–Македонија и Македонското здружение на млади правници, на 28 септември 2007 година во Клубот на пратениците, на пригоден начин го одбележаа меѓународниот ден за слободен пристап до информации „Имам право да знам“. До службените лица задолжени за посредување со информации од јавен карактер од државните органи, локалната самоуправа и од јавните претпријатија на територијата на град Скопје, со одбрани зборови се обратија Јанко Николовски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Неда Коруновска, координатор во Фондацијата Институт отворено општество–Македонија.
Нарекувајќи ги присутните посветеници на благородната идеја за отвореност и слободен пристап до работата на оние со јавни овластувања, претседателот на КЗПСПИЈК Јанко Николовски, истакна:
    “Ве поздравувам на меѓународниот ден означен низ сосема јасното и недвосмислено мото: „Имам право да знам“!
    Веќе една година, како Република Македонија, сме членки на европското, па и светско семејство на земји што имаат Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Тоа звучи убаво, можеби и гордо, но сепак нема место за воодушевување или прослава. Затоа што и според домашни а и меѓународни оценки тој е добар и применлив, но сепак е далеку од совршен… Има многу недоречености, нецелосни или дури контрадикторни решенија, а КЗПСПИЈК се наоѓа на големи маки како да ги помири: слободниот пристап како основен принцип и многуте, законски засновани, можности да се избегне бараната целосна отвореност.
    Сето тоа во спрега со стариот прохибитивен менталитет и се уште недоволното знаење на граѓаните – дека имаат легитимно право да знаат, не става во ситуација да оцениме дека е направен само првиот чекор… И тој е голем, но ако оваа основна демократска идеја не ја сфатиме како процес, се изложуваме на опасност брзоплето да влетаме во стапицата на формални резултати и ретроградна рутина!
    Затоа и денешново одбележување на денот, не го замисливме со елементи на свеченост, туку како вистинска иако се уште ретка можност на вакво – стручно и авторитетно ниво да размениме мислења за проблемите за кои сите сме свесни, а за кои можеби имаме добри идеи за решавање.
    На крајот со задоволство и благодарност ја истакнувам водечката улога на НВО, претставниците на меѓународната заедница и медиумите, за нивната постојана грижа, поддршка па се разбира и критика насочени кон унапредување на „правото да знам“ во нашата земја, Република Македонија. Секако и ова е уште еден аргумент со кој тропаме на вратите на Европа и евро-атлантските интеграции“.
“Република Македонија е една од 80-те земји во светот која има Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, а една од приоритетите на ФИООМ е токму промоција на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Затоа, спроведуваме низа активности, во партнерство со Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, и Македонското здружение на млади правници.
Дополнително, во Струга ќе почне и обука за адвокати кои застапуваат граѓани чиј пристап бил ограничен, а се планира и одржување трибина со одговорните лица од институциите – иматели на информации, за тоа како да се подобри правото на слободен пристап до информации во Македонија“, подвлече во своето излагање координаторот на   ФИООМ,  Неда Коруновска.
Во дневните весници на македонски јазик „Вест“, „Време“, „Дневник“  и „Утрински весник“,  како  и во весникот на албански  јазик „Лајм“, по повод денот „Имам право да знам“ беше објавена посебна страна  со пригодна содржина подготвена од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации , Фондацијата Институт отворено општество-Македонија и  Македонското здружение на млади правници.
Како придонес во одбележувањето на Денот на правото да се знае,  беше испратено и циркуларно писмо до службените лица на сите досега евидентирани иматели на информации, со апел да продолжат со натамошна имплементација на ЗСПИЈК и со подигнување на свеста кај граѓаните за правото  на пристап до информации од јавен карактер во средините во кои делуваат.