Со пригодна свеченост која се одржа во конференциската сала на City hall во Скопје, Комисијата за заштита на правотo за слободен пристап до информациите од јавен карактер ги одбележа 10 годишниот јубилеј од своето основање и Меѓународниот ден за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кој ширум светот се одбележува под мотото „Имам право да знам“.
За мисијата, досегашните остварувања, како и за идните предизвици, обраќање пред присутните имаше Претседателот на Kомисијата д-р Ѓорги Сламков, кој на почетокот нагласи дека Слободниот пристап до информации од јавен карактер претставува значајна алатка на патот кон постигнување на целосна транспарентност и отвореност на институциите кон граѓаните. 12„Правото за слободен пристап до информации во нашата земја е втемелено и загарантирано со Уставот на Република Македонија. Имено, во член 16, став 3 стои: „Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување информации” рече д-р Сламков.
„За имплементирање на уставната одредба, но и заради усогласување на македонското со европското законодавство, Собранието на Република Македонија на 1 февруари 2006 година го донесе Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а неговата примена започна на 1 септември истата година. Со законот се создадоа правни основи за создавање на специјализирано тело за заштита и остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, односно на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер“ рече меѓу другото д-р Сламков.
Тој истакна дека од основањето на Комисијата до денес, од страна на барателите се поднесени околу 31000 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, што укажува на значителното практично користење на Законот за слободен пристап да информации од јавен карактер. Во наведениот период, Комисијата постапила по околу 6.200 доставени жалби и притоа донела околу 3.300 решенија и околу 2.900 заклучоци, при што, за најголемиот дел од поднесените жалби односно за околу ¾ од нив Комисијата донесено позитивна одлука за барателите.
„Горенаведените податоци укажуваат дека Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и работењето на Комисијата во огромен процент овозможуваат барателите да стигнат до информацијата со која располагаат институциите“, посочи д-р Сламков. 
„Претходно изнесените показатели, ми даваат за право да верувам дека Комисијата успешно се етаблираше во законски заштитник и промотор на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Со досегашните заложби и работење успеавме да поставиме стандарди за ефикасно спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер„ нагласи Сламков. Според него„визијата на Комисијата е да продолжи да биде препознавана од имателите, барателите и целокупната јавност како основна институција надлежна за остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која придонесува за зголемена отчетност и транспарентност во општеството“.
„Не смееме да се задоволиме со она што веќе е постигнато. Напротив, и покрај реалната потреба од кадровско и материјално засилување, ние продолжуваме кон јакнење на позицијата на Комисијата во системот со што ќе придонесеме за поуспешно спроведување на нашата мисија за заштита и остварување на уставно загарантираното право на слободниот пристап кон информациите од јавен карактер“, рече на крајот Сламков.
Честитајќи и го јубилејот на Комисијата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г-динот Трајко Вељаноски, нагласи дека „правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер денес претставува еден од носечките столбови на демократијата, а во исто време и значајна алатка со која јавноста може да врши општествена контрола врз власта. Нашата стратешка определба е членство во НАТО и ЕУ, а остварувањето на овие наши стратешки определби го наметнува слободниот пристап на информациите од јавен карактер како еден од клучните критериуми за полноправно членство“. „ Зголемувањето на бројот на граѓани кои како поединци поднеле жалби за кршење на нивното право до слободен пристап на информации од јавен карактер“, според Вељаноски, говори за нарасната свест кај граѓаните, но воедно и за тоа дека Комисијата е препознатлива во општеството. 
„Исто тол
ку значајно е што во овие десет години вие успеавте да надминете еден цел куп институционални бариери. Исто така, сакам да ги истакнам вашите обуки со лица кои се задолжени за давање на информации од јавен карактер, како и на раководните лица од институциите со што ја менувате бирократска свест„ истакна Вељаноски. Тој апелираше до сите институции за доследно почитување на своите обврски кога станува збор за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Заменик – министерот за правда Билјана Бришкоска – Бошковски рече дека е потребно да се обрне поголемо внимание на класификацијата на информации, како и до доставувањето на одговорите на барателите на информации. „Ова особено поради фактот што ЕК во препораките за итните реформи во областа на медиумите констатира дека пречка со која што се соочуваат барателите во обезбедувањето на јавните информации, е како што се наведува, неоправданото и прекумерно класифицирање на документите кои не се од таква природа“, додаде заменик-министерката за правда.
Втората пречка во делот на пристапот до јавните информации, според Бришкоска Бошкоски е неодговарањето на барателите.
Оттаму Министертвото за правда е подготвено да превземе чекори за дообјаснување на овие прашања во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, рече заменик-министерката.
Свои обраќања на свеченоста по повод јубилејот на Комисијата имаа и амбасадорката Нина Суомалаинен, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и Постојан претставник на УНДП, како и Јаромир Левичек, раководител на Одделот за оперативни работи од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Тие укажаа на потребата од поголема транспаретност на институциите и нивно функционирање според принципот на јавно и проактивно откривање на податоците, продолжување на проектот Отворено владино партнерство, како и на забелешките во однос на информациите од јавен карактер нотирани од страна на Европската комисија.
13Претседателот на Комисијата д-р Ѓорги Сламков, со амбасадорката Нина Суомалаинен, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и Постојан претставник на УНДП потпиша меморандуми за соработка на Комисијата со Мисијата на ОБСЕ, односно со УНДП.