Од 7 до 10 октомври 2008 година во хотелот “Ривиера“ во Охрид ќе се одржат обуки за две групи службени лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер од општините Охрид и Струга. Во наредните месеци предвидена е реализација на вкупно 15-тина вакви обуки за едукација на  службените лица во регионалните центри Тетово, Гостивар, Кичево, Битола, Прилеп, Велес, Кавадарци, Гевгелија Струмица, Делчево, Штип, Куманово и Дебар. Со практичните тренинг обуки ќе бидат опфатени и службените лица кај имателите на информации од јавен карактер  од помалите општини кои гравитираат кон споменатите регионални центри.
Обуките се дел од активностите опфатени со проектот „Техничка помош и подигнување на свеста за поддршка на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ во Република Македонија, кој се реализира со финансиска поддршка на Амбасадата на Велика Британија, а за кој согласност даде и Владата на Република Македонија. Носители и имплементатори на проектот се Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Македонскиот институт за медиуми.
Со проектот е предвидено одржување на вкупно 50-тина обуки за едуцирање на  околу илјада службени лица задолжени за спроведување на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. До почетокот на годишните одмори дводневна практична обука во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер беше организирана за 20 групи службени лица од Скопје.
Реализацијата на обуките се очекува да придонесе за потранспарентно и поодговорно владеење во Македонија, како и за професионална комуникација со медиумите и јавноста во процесот на евроинтеграција на Република Македонија.