Општина Делчево и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во заедничката заложба за подоследна имплементација на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во просториите на општината Делчево, организираа еднодневна регионална обука на тема: „Право на слободен пристап до информации од јавен карактер“. Покрај службените лица од градот домаќин, на оваа едукативна средба учестуваа и поголем број лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер од јавните претпријатија и установи, судската власт, локалната самоуправа, образовните и здравствените установи, како и од правните и физичките лица и институции кои имаат јавни овластувања од општините Пехчево и Македонска Каменица.
Обуката ја отвори претседателот на Комисијата, господинот, Пеце Ташевски, кој рече дека кооперативноста на општинските власти и се поголемата подготвеност на вработените во единиците на локалната самоправа да ја менуваат својата свест, е добра подлога за` успешна имплементација на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, чија основна цел е токму создавање на ефикасна и транспарентна администрација по европски терк. Граѓаните за нас секогаш се во преден план, па вработените во Секретаријатот на Комисијата практикуваат и давање на правни совети и помош во усмена, телефонска или било која форма, предочи Ташевски. Во оваа смисла, Ташевски ги охрабри присутните службени лица да го следат примерот на вработените во Секретаријатот на Комисијата , со што ќе си ја олеснат задачата , но и ќе ја зголемат довербата на граѓаните во институциите и органите како на локално, така и на централно ниво.
Предавачи од Секретаријатот на Комисијата ги информираа присутните за основните цели на Законот, како и за водењето на жалбената и прекршочната постапка, додека одделни службени лица низ проактивен пристап ги презентираа искуствата стекнати во нивната дотогашна пракса. Беше оценето дека ваквите форми на соработка и едукација треба да се негуваат и во иднина.
Регионални обуки во соработка со Комисијата претходно се одржаа и во Струга, односно Битола.