10694256_1015280Во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, денеска се одржа обука на тема: „Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер“. Учесници на обуката беа 16 службени лица за посредување со информации од јавен карактер од најголемиот број државни инспекторати, како и од  институции на судската власт, здравствени установи, државни комисии, агенции, како и општини.
Во присуство на членовите на Комисијата Катерина Димеска и Валентина Фидановска, обуката ја реализираа стручните лица од Секретаријатот на Комисијата, Јорданка Стојкова и Цвета Трајковска. Целта на оваа едукативна средба е подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
На обуката  беа разгледани повеќе конкретни барања доставени до различни иматели, при што службените лица преку проактивно учество, изнесуваа свои гледишта и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации, со цел поуспешно имплементирање на Законот и пристапот до информациите,и се разбира   обезбедување поголема транспарентност на институциите.
За подетално запознавање со проблематиката од сферата на слободниот пристап до информациите од јавен карактер,  на учесниците им беа поделени и брошурите „До информација“, изработена од страна на Комисијата во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА, во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.