Обуката на тема  „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја реализираа стручните лица од Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Цветан Станоески, Макфирете Морина, Цвета Трајковска и Јорданка Стојкова.
 Двете едукативни средби имаa за цел запознавање на присутните со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Поради природата на дејноста и информациите со кои располагаат единиците на локалната самоуправа, се значајни но и атрактивни иматели на информации од јавен карактер и за граѓаните, но и за претставниците на невладините здруженија и организации.
Заедничката организација на обуките беше зацртана во Меморандумот за соработка, кој во почетокот на минатиот месец во името на двете институции го потпишаа, претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија-ЗЕЛС, Коце Трајановски и претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски.