Петнаесет службени лица за посредување со информации од јавен карактер од повеќе правни субјекти од Скопје кои вршат јавни овалстувања, денеска проследија обука на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Согласно предвидениот Квартален план, обуката се одржа во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер, а ја реализираа стручните лица од Секретаријатот на Комисијата Јорданка Стојкова и Цвета Трајковска.
Акцентот во нивните излагања беше ставен на подигнувањето на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските кои за нив произлегуваат од него, како и на начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во првиот дел од едукатнивната средба, посетителите се запознаа со историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, а во продолжение подетално беа образложени и постапката по барање информација од јавен карактер, жалбената и прекршочна постапка, како и правилната подготовка на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите. На обуката беа анализирани и специфични примери од праксата, при што службените лица се произнесуваа за тоа како би постапиле во дадените ситуации.