Во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер денеска се одржа третата по ред обука за службени лица зацртана во Кварталниот план за едукација.
Обуката на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ ја реализираа стручните лица од Секретаријатот на Комисијата Цветан Станоески и Макфирете Морина, а со неа овојпат беа опфатени лицата задолжени за посредување со информациите од јавен карактер од неколку скопски, како и од соседните општини кои гравитираат кон Скопје. Обуката има за цел подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, постапката со текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите. За време на обуката беа анализирани и примери од праксата, при што службените лица изнесуваа свои гледишта и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.