Во организација на Општина Струга и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер,  на 22  септември (четврток) 2011 година, со почеток во  10.00 часот, во просториите на општината, ќе се одржи еднодневна обука на тема: „Право на слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Поздравни обраќања до присутните ќе имаат градоначалникот на Општина Струга  г-дин Рамиз Мерко и претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, г-дин Пеце Ташевски, а обуката ќе ја реализираат предавачи од Секретаријатот на Комисијата.
Целта на обуката е едукација и подигнување на јавната свест на службените лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер од јавните претпријатија и установи, судската власт, локалната самоуправа, образовните и здравствените установи, како и од правните и физичките лица и институции кои имаат јавни овластувања во општините Струга, Охрид, Вевчани и Дебарца, а во функција на  побрза имплементација на законските одредби во праксата и обезбедување на потранспарентно и поодговорно владеење во Македонија. Обуката истовремено треба да го подигне степенот на запознаеност на претставниците од невладините здруженија со одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и можностите кои произлегуваат од него, како и со начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.