Членови на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и вработените во нејзината стручна служба, денеска присуствуваа на обуката наменета за второстепените комисии, како самостојни органи на државната управа, што согласно зацртаната годишна програма ја реализираа претставници на Државниот управен инспекторат. Обуката е дел од Проектот со кој овој орган во состав на Министерството за Правда до крајот на годинава планира да опфати околу 1000 државни службеници и вработени во јавната администрација.
Акцентот на еднодневната обука беше ставен на новините и обврските на органите и државните службеници кои произлегуваат од имплементацијата на новото управно законодавство. Претставниците на Државниот управен инспекторат, низ конкретни примери и интерактивна комуникација со учесниците на обуката укажаа на потребата за правилна примена на Законот за општа управна постапка и правилникот за содржината, начинот и формата на водење евиденција во управната статистика; примена на прописите за канцелариско работење со акцент на Упатството за начинот и техниката на постапувањето со документарниот материјал и архивската граѓа, како и за Законот за постапување по претставки и предлози.