Во периодот од 8 април до 30 мај 2008 година во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер се одржаа поодделни дводневни обуки за првите дванаесет групи лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер од органите на државната администрација и од јавните претпријатија и установи.
Практичната тренинг обука е во рамките на активностите за реализирање на проектот „Техничка помош и подигнување на свеста за поддршка на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ во Република Македонија, кој се реализира со финансиска поддршка на Амбасадата на Велика Британија, а за кој согласност даде и Владата на Република Македонија.
Носители и имплементатори на проектот се Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Македонскиот институт за медиуми. Со проектот е предвидено во наредните десетина месеци да бидат организирани вкупно 50 обуки за околу илјада службени лица за посредување со информации од досега евидентираните иматели на информации од јавен карактер.
Со реализацијата на обуките се очекува да биде обезбедено потранспарентно и поодговорно владеење во Македонија, како и професионална комуникација со медиумите и јавноста во процесот на евроинтеграција на Република Македонија.
Практичната реализација на споменатиот проект почна кон крајот на минатата година со обука на членовите на Комисијата и вработените во Стручната служба, како и со двата тренинга за официјални обучувачи со кои беа опфатени претходно одбрани претставници од државната администрација и невладиниот сектор во Република Македонија.