Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Јанко Николовски, активно учествуваше во работата на Третата европска конференција на комесарите за слободен пристап, што на 29 септември 2008 година се одржа на Брдо кај Крањ, Република Словенија.
Домаќин на овој значаен меѓународен настан беше комесарот за слободен пристап на Словенија,  Наташа Пирц – Мусар, а поздравно обраќање до присутните имаше словенечкиот претседател, Данило Тирк.
Учесниците на средбата извршија корисна размена на мислења за нивните искуства, посочувајќи на важноста од побрза имплементација на правото на слободниот пристап до информации во практиката.
Комесарите, омбудсманите и претседателите на комисиите за слободен пристап до информации од јавен карактер се претставија со десетминутни Power point презентации, со кои беше даден преглед и ревизија на случувањата од сферата на слободниот пристап во земјите од кои доаѓаат.
Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Јанко Николовски, во своето излагање се осврна на темата “Елиминација на пречките, ограничување на исклучоците, улогата на невладиниот сектор и потребата од обуки и едукација“.
Посебен акцент на средбата беше ставен на Конвенцијата за пристап до официјални документи, што наскоро треба да ја донесе Советот на Европа.