Во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а во согласност со Kаталогот за задолжителна континуирана обука за судии, јавни обвинители, претседатели на судови и јавни обвинители на јавните обвинителства, денеска во просториите на Академијата се одржа тркалезна маса на тема: „Заштита на личните податоци / Слободен пристап до информации од јавен карактер“. На тркалезната маса присуствуваа 18 обвинители од јавните обвинителства во државава, еден од Вишото јавно обвинителство – Гостивар, претседателот на Советот на јавни обвинители на Република Македонија и Генералниот секретар на Јавното обвинителство на Република Македонија.

На настанот свое излагање имаа Добринка Борисовска-Господинова и Билјана Волческа од Дирекцијата за заштита на личните податоци, како и Цвета Трајковска и Јорданка Стојкова од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Стручните лица од Секретаријатот на Комисијата, говореа за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,  работата и надлежностите  на Комисијата.

По презентацијата и анализата на одделни примери, јавните обвинители преку проактивно учество, изнесуваа свои гледишта и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.