Денеска во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за 2015 година. Меморандумот беше потпишан од страна на Заменикот амбасадор на ОБСЕ, Маријане Береч и Заменик претседателот на Комисијата, Блерим Исени. Потпишувањето на овој документ значи континуитет на воспоставената плодна соработка меѓу двете институции.11185821_10205995626745986_122818928_n
Меморандумот покрива заедничко планирање, координирање и реализација на проектни активности кои, според предвидувањата на двата партнера, ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на Комисијата и за поуспешно спроведување на нејзината мисија од една, но и за олеснување на постапката за слободен пристап до информации, како за барателите на информации, така и за службените лица кај имателите, кои ги посредуваат нивните информации до јавноста.
За таа цел во 2015 година ќе бидат одржани шест Работилници, односно обуки за по 25 учесници од околу 60 локални и централни државни институции, чии претставници ќе бидат тренирани како побрзо да постапуваат и одговараат на барањата за пристап до информации, како и за начините за поитно и потранспарентно пласирање на информациите во јавноста. Обуките ќе бидат заеднички спроведени од страна на персоналот на ОБСЕ и од стручни лица од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Проектот, исто така, предвидува КАФ обуки за вработените во Комисијата, кои ќе ги реализираат експерти од Мисијата на ОБСЕ.