На покана на Делегацијата на Европската унија и Македонскиот институт за медиуми, членот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Валентина Фидановска и советникот во Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески, учествуваа на отворањето на овогодинешниот конкурс за „Награда од Европската унија за истражувачкото новинарство“, во ЕУ-Инфоцентарот во Скопје.
По воведните зборови на претставникот на МИМ, Весна Никодиноска и обраќањето на Шефот на Делегацијата на Европската унија, Аиво Орав, на присутните им се претстави Сашка Цветковска, новинар-истражувач во Нова ТВ, првонаградена на минатогодишниот конкурс, која зборуваше за главните предизвици при подготовката на истражувачка сторија, како и програмскиот директор во Центарот за граѓански комуникации, Сабина Факиќ, која се осврна на тема „Информациите од јавен карактер во функција на истражувачкото новинарство“.
За досегашните искуства од користењето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на новинарите говореше Цветан Станоески, кој изрази задоволство од нагорниот тренд на користење на законските можности за добивање на информации значајни за истражувачкото новинарство. Тој ги охрабри сите новинари што повеќе да посегаат по оваа алатка за добивање релевантни информации и ги покани на организирани бесплатни обуки и работилници посветени на дообјаснувања на законските можности за слободен пристап до информации кои сакаат да ги користат новинарите.