Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и невладините организации во Република Македонија кои работат на оваа проблематика, дадоа активен придонес во одбележувањето на 28 септември- Меѓународниот ден за слободен пристап до информации “ИМАМ ПРАВО ДА ЗНАМ”.
Централниот настан се случи во македонското Собрание, каде беа промовирани два прирачника: Водич за службеници и Водич за баратели. Публикациите ги подготви З.Г. ПРО МЕДИА со финансиска поддршка од Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје.
Обраќајќи се пред присутните, претседателот на македонското Собрание, Љубиша Георгиевски истакна дека денот 28 септември го доживува како свое мало интимно славје и како еден од поубавите денови во историјата на независна Македонија, бидејќи и самиот бил активист и долгогодишен поборник на идејата за слободен пристап до информациите. “Демократијата е долга епопеја” подвлече Георгиевски и додаде дека слободниот пристап до информациите треба да биде една од основините претпоставки за остварување на таа кауза.
Собранискиот дом, според Георгиевски, ќе биде храм на демократијата, во кој ќе се има целосно уважување кон она што се нарекува слободен пристап до информации и ќе се работи транспарентно .
Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Јанко Николовски, иразувајќи почестеност и задоволство од присуството и поддршката од високите авторитети, истакна дека најинтензивното чувство што го буди овој собир е чувството на охрабреност! Но, постои опасност охрабрувањето да остане камерно, доколку Комисијата и невладините организации, не се трудат да ги охрабрат граѓаните да ја користат новата слобода што првпат ја добиваат, порача Николовски.
Во тој контекст треба да биде сватено и претставувањето на водичите, бидејќи “промовираме две моќни алатки за отворање на традиционално затворените фиоки и класери”, истакна Николовски. Отпечатените прирачници, рече тој, се лесно читливи, разбирливи и јасни па заинтересираните граѓани и недоволно искусните службеници ракувачи со документите, од нив како од буквар ќе го најдат најкусиот пат до бараната информација.
Николовски информира дека со оваа промоција всушност започнува втората фаза на со закон наредените обуки за имателите на информациите, по што ќе уследат и обуки за барателите на информации, како долгорочна и трајна обврска на Комисијата за слободен простап до информациите и НВО, како нејзини најблиски соработници.