Со денешните разговори во Општина Велес, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ја почна серијата планирани посети на општините во Република Македонија. Средбите што ќе уследат, членовите на Комисијата ќе ги искористат за размена на мислења околу првичните искуства од примената на Законот за слободен пристап до информации, со градоначалниците, членовите на Советите, претставниците на поголемите јавни претпријатија од општините, како и со службените лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер. Во тој контекст ќе биде организирана мини обука за имателите на информации, а ќе биде дистрибуиран и промотивен и информативен материјал, како и водичите за баратели и за службени лица.
Претседателот и членот на Комисијата Јанко Николовски и Олга Пешева и советникот во Мисијата на ОБСЕ Марија Доценко за време на посетата на Велес остварија средба со градоначалникот Аце Коцевски, Претседателот на Советот на општината Трајко Бабунски, директорот на ЈП „Парк спорт“ Илија Смилев, заменик-директорот на ЈКП „Дервен“ Влатко Саздов и службеници од општината одговорни за примена на законот.
Говорејќи за значењето на законот, претседателот на Комисијата Јанко Николовски оцени дека „Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер е моќна алатка за ефикасност на администрацијата во борбата против корупцијата. Нивото на неговата примена е нашето лице пред меѓународната заедница во рамките на заложбите за влез во ЕУ“, подвлече тој.
Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски информираше за примената на законот во Општината како и за предностите што информатичката технологија и реализираните проекти ги овозможија за развој на општината во општина за пример во Македонија и обезбедија поефикасни услуги за граѓаните. „Задоволен сум од досегашната примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Велес, но сметам дека на национално ниво неопходно е да се организира силна кампања со цел што поголем број граѓани да се запознаат со предностите што им ги овозможува законот“, рече Коцевски.
Средбата во Велес беше оценета како почеток на успешна соработка помеѓу општината, Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во размената на мислења и идентификувањето на добрите практики во примената на овој закон кој е од суштинско значење за правото на граѓанинот да ја добие информацијата што му е потребна.
Претставниците на Комисијата и Мисијата на ОБСЕ ги посетија и салата за електронско одвивање на седниците на Советот и Граѓанскиот сервис центар каде е определен посебен простор и каде работи службеникот одговорен за барањата на граѓаните врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
За граѓаните како баратели на информации, претставниците на Комисијата доставија обемен информативен материјал и законска регулатива. Дел од информативниот материјал ќе биде доставен и во соседните општини.