Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер од почетокот на примената на ЗСПИЈК констатира, а во повеќе наврати и предупредува дека службените лица кај имателите на информации од јавен карактер (во најголем дел) НЕ ДОНЕСУВААТ ОДЛУКИ ВО ФОРМА И РОКОВИ пропишани со Законот.
Отстапувања се појавуваат во случаите кога имателите воопшто не одговарат на поднесените барања, не го почитуваат законскиот рок од 30 дена за одговор на барањето, не подготвуваат записници по позитивно одговорените барања, не донесуваат решенија по одбиените барања, и најмногу во сегментот на упатување и давање помош на барателите при поднесување писмено барање за пристап до информации од јавен карактер.
Независно дали станува збор за недоволно познавање на законските одредби или пак се во прашање други причини или побуди, службените лица при одлучувањето по барањата, практикуваат да одговорат или со ИЗВЕСТУВАЊЕ, или пак воопшто да не одговорат (МОЛК НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА).
Согласно позитивните законски прописи, доколку имателот на информацијата делумно или целосно го одбие барањето должен е да донесе РЕШЕНИЕ, во кое треба да бидат образложени причините поради кои барањето е одбиено.
Во случаите кога е невозможно да се постапува по одредено барање бидејќи истото е непотполно, согласно членот 17 од ЗСПИЈК имателот е должен од барателот на информацијата да побара барањето да биде дополнето, со укажување на последиците во случај тоа да не биде направено. Барателот е должен да го дополни барањето во рок од три дена од денот на приемот на известувањето за потреба од дополнување на барањето, а обврска на службеното лице определено за посредување со информации е да пружи соодветна помош при дополнување на барањето.
Ако барателот се оглуши на овие законски одредби, имателот на информацијата треба со ЗАКЛУОК да констатира дека барањето е повлечено. Доколку пак барањето и покрај дополнувањето не ги исполнува условите од член 16 на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер поради што не може да биде разгледано, имателот на информации треба да донесе РЕШЕНИЕ со кое ќе го отфрли барањето.
Во случај пак имателот на информации позитивно да одговори на барањето, за тоа е потребно да изготви ЗАПИСНИК.
Ако имателот на информацијата во рокот утврден во член 21 од Законот не му овозможи на барателот пристап до информација и ако не донесе и не му достави на барателот решение со кое делумно или целосно го одбива барањето, се смета дека барањето е одбиено.