Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија на денешната шеесетта седница,  одржа Надзорна расправа на тема „Имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
По воведното  излагање на претседателот на комисијата, Зоран Петрески,  надзорната расправа ја отвори министерот за правда,  Михајло Маневски, кој истакна дека донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е чекор напред кон демократизација на општеството.
Пред членовите на Комисијата, поголем број претставници од невладиниот сектор,  судската и извршната власт, како и   од општините, кои исто така даваат свој придонес во имплементацијата на Законот, свое обраќање имаше и претседателот на   Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Јанко Николовски кој нагласи:
„Се ближиме кон крајот на петтата година од формирањето,  работата и мандатот на првата Комисијата. Резултат накусо: идејата „имам право да знам„ се проби и ја збогати македонската демократија со нов ефикасен инструмент. Не без тешкотии, па и дилеми- ја пренесуваме идејата низ Република Македонија, ја објавивме и обзнанивме и ја заштитуваме; но сеуште пловиме низ бурни води.
Сега, сепак каде сме по сиве овие години?
    Како претседател јас сум задоволен. Иако и Вие и јас точно знаеме каде сме запреле да земеме здив и дека сме можеле да направиме повеќе, сепак ве молам, имајте го предвид и следново, распослано низ целово обраќање!
По само четири месеци „грејс„ период ( мај –септември, значи лето: ( го регистриравме телото, за кое законот заборавил да определи дека е правно лице), се преселивме во нови простории без мебел, ги донесовме основните, со закон предвидени подзаконски акти, изведовме основна обука на стручната служба во која патем денес има 5 со филозофски факултет и само 4 правници, со некомплетна систематизација, скромен буџет… Со сите овие товари и неискуство во издигањето на нозе на нова дотогаш непозната институција, овој состав на Комисијата успеа да не потклекне, туку напротив да донесе резултати, што секоја година се поздравени од оценските мисии на ЕК и од ова Собрание. Во ланскиот извештај на експертот на ЕУ дури има и реченица: „Комисијата сама по себе импресионира„. Горди сме  на тоа!

    Но сепак најважно е што зборуваат бројките!!!
    Следново се однесува на периодот од 01.09.2006 до 01. 10. 2010 :
Во ова време, граѓаните баратели на информации и особено НВО до имателите на информации поднеле 5971 барање.  Граѓаните почнаа со   скромни 513 барања, за потоа секоја  година бројот да расте, како што свеста за постоењето на новото право растела  низ промотивната дејност на Комисијата. Во 2009 година поднесени се 2016 барања.
ЖАЛБИ : До Комисијата во овој период  се поднесени  1733 жалби. Во 501 случај жалбата беше уважена а имателот задолжен да ја даде бараната информација. Донесовме 833  заклучоци за запирање на постапкта затоа што имателот ја доставил бараната информација. Значи вкупно сме наредиле отворање на информациите во 1333 случаи. Обично по директна интервенција на Комисијата. Останува проблемот со молкот на имателите на информации. Годишно добиваме по над 200 жалби по оваа основа. Неповолна е бројката во исполнувањето на законската обврска имателите до Комисијата да доставуват годишни извештаи. Од 1475 регистритрани иматели на информации од јавен карактер, во 2009 година извештаи доставиле  само 884 иматели. До Управниот суд незадоволните страни поднеле 138 тужби. Од нив,  Комисијата, по разни основи, доби 78.
Едукативната функција, транспарентноста и комуникативноста на Комисијата во земјата и во странство.
Во 2007- втората година од мандатот Комисијата, остварувавме Програма за посета, разговори и промоција на правото „да знам„- низ општините на РМ. Беа посетени вкупно 17 општини. Состаноците се одржуваа со градоначалниците, членовите на Советот на општината и со претставници на јавните претпријатија на таа територија. Луѓето покажаа голем интерес за модалитетите на новото право на граѓаните, иако во неколку општини наидовме на веќе разработен и етаблиран систем на комуникација меѓу барателите и имателите на информации.
Мошне важна активност, напоредно со редовната работа и не на нејзина штета, Комисијата оствари на планот на обука, едукација и промоција. Од септември 2007 до септември 2009 година, СПРОВЕДОВМЕ 50 обуки по  кои над 800 службени лица кај имателите, беа обучени за постапување со барањата за слободен пристап. 30 обуки на централно ниво и 20 во општините и регионалните центри. Имавме и три посебни сесии со новинари. Ова беше остварено во рамките на двегодишниот проект „ Техничка подршка и подигање на свеста за примена на ЗСПИЈК„ финансиски подржан од британската Влада преку амбасадата на нејзиното величество во Република Македонија.
Посебно сакам да ја истакнам и комуникацијата  и соработката на Комисијата со странство. Редовна и добра соработка одржуваме со комесарот за информации на Република Словенија ( тоа е ЕУ контакт). Контактите и тесната соработка со министерството за култура спорт и медиуми на Република Црна Гора ( надлежно и за слободниот пристап) се одвиваат со години на ред. Организиравме неколку трибини, тркалезни маси и советувања, во  Скопје, Мојковац,  Котор и Подгорица. Таму многу успешно и со голем интерес од црногорска страна беа следени  и коментирани нашите искуства. Врвот на досегашната соработка е заедничкото издание: Слободен пристап до информациите; „Црна Гора и Македонија- компаративни искуства„. Колку што ми е познато ова прво заедничко издание на две земји од регионот, од областа на слободниот пристап.
На последната средба во Подгорица договорено е оваа билатерална соработка да ја прошириме и на други земји во регионот,  при што стана збор за почеток тоа да биде Р.Албанија. За оваа цел во Комисијата веќе се направени првите консултации за реализација на контактите со омбудсманот на Албанија, надлежен и за оваа област.
Значи резиме- што сме сториле досега ? Многу ! Но сепак малку за  незнаењето, понекаде рамнодушноста па дури и местимичен срамежлив отпор кон оваа млада демократска фиданка.
     Но тука морам да го поставам прашањето- дали сите основни работи можеше да ги решиме во првиот мандат на првата КЗПСПИЈК ?
    Во четири и пол години работа сторивме:
•    Подигање демократска институција, со сите нејзини функции, врз пепелта на феудалниот страв од власта. Почнато од нула ! – ИЗВРШЕНО !
•    Воспоставен континуитет и метод на работа како второстепен орган, што одлучува по жалби, со стандарден квалитет и ефикасност- немаме заостанати предмети; Бројките ги споменав погоре.- ИЗВРШЕНО !
•    Непрекинат низ на јавни настапи, средби, дебати и собири со промотивен и едукативен карктер… (голем број во соработка со
НВО)
•    Проект за подигање на свеста и промоција на правото на СП. Двегодишен проект подржан од британската Влада преку амбасадата во Скопје. Успешно ИЗВРШЕНО!
•    Во рамките на проектот инсталирана е нова WEB страница, со нова адреса- на македонски, англиски и прв пат, на албански јазик. Значи транспарентност на Комисијата! ИЗВРШЕНО!
•    Нов проект со слична содржина и цел, детално образложен, со чинење и термини за реализација. Подготвен е! Чека подршка.
•    Менувањето на состојбата на духот и односот кон ова темелно човеково право. Ако сметаме дека стотици години во далечното недемократско минато и децении непарламентарна демократија, можат да се надминат за четири и пол години, тогаш признавам , таа задача не е извршена„.