На иницијатива на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и на Генералниот секретар на Владата, госпоѓа Даниела Трајановска, на 26 октомври 2006 година во македонската Влада се одржа првиот во серијата координативни состаноци со имателите на информации. Покрај претседателот на Комисијата Јанко Николовски, на состанокот учествуаа уште и заменикот на Генералниот секретар на Владата Алил Сулејмани државните секретари од министерствата, како и експертот од невладината ПРО МЕДИА Весна Гогова. Со оваа средба воедно беше означен и почетокот на обуката за претставниците на државните органи, зацртана во програмските активности на Комисијата.
Притоа, акцентот беше ставен на значењето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како европска мерка за демократија. Во тој контекст посебно беше укажано на потребата од подобрување на комуникацијата меѓу Комисијата и министерствата преку ажурирање на списокот на службените лица за ракување со документите од јавен карактер.
Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Јанко Николовски особено обрна внимание на веќе присутното молчење што се манифестира од страна на одредени иматели на информации.