Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по повод едногодишната примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, денеска, како посебен прилог во весникот „Време“,  ја објави Листата на иматели на информации од јавен карактер. На овој начин Комисијата и формално (листата инаку секојдевно се ажурира на веб страната на Комисаијата) ја исполни законската обврска еднаш годишно да ја стави на увид на јавноста ажурираната листа на иматели на информации.
Листата опфаќа вкупно 1392 досега евидентирани иматели на информации, од кои повеќето се претставени со комплетни, а помал број со нецелосни податоци од територијата на Република Македонија.
Списокот, меѓу другото, содржи податоци за лицата задолжени за посредување со информациите од јавен карактер кај имателите, со име и презиме, телефони за контакт, адреси на институциите и начинот на кој информациите од јавен карактер се достапни за барателите.  Во него се опфатени 212 државни институции, 91 институција од сферата на судската власт, 84 општини во Република Македонија, 94 здравствени установи, 293 јавни претпријатија и установи, 487 образовни институции, 112 правни и физички лица кои вршат јавни овластувања, како и 19 политички партии. 
Објавената листа на иматели не е конечна и не е целосна со оглед на природата на Законот за СПИЈК и во иднина континуирано ќе се менува и надополнува, со нови иматели на информации од јавен карактер.