Заменик претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Блерим Исеини, Членот на Комисијата Валентина Фидановска и Советникот во Секретаријатот на Комисијата Цветан Станоески, од 02 до 05 декември 2015 година реализираа студиска посета на Повереникот за информации на Република Хрватска.12325392_10207714426834914_137215599_n Студиската посета на хрватската национална институција, која се грижи околу остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и околу нивната реупотреба, беше реализирана во рамките на организациските активности на Европската Комисија, преку инструментот TAIEX. Тема на разговорите беа повеќе компаративни анализи на работењето на двете институции околу слободниот пристап до информациите од јавен карактер и законските можности за имплементирање на ова човеково право согласно европската регулатива.
Повереникот за информирање на Хрватска д-р Анамарија Муса и вработените во институцијата: м-р Дубравка Бевандиќ, Хелга Гавез, Даниел Херак, Ина Волмут и службеното лице за информирање од Владата на Република Хрватска, Ида Ќосиќ, преку пригодно подготвени power point презентации дадоа преглед на хрватското законодавство на полето на слободниот пристап до информации, на повторната употреба на информациите од јавниот сектор, на законската рамка, односно развојот на методологијата на инспекцискиот надзор, годишните извештаи на имателите на информации и др.
Особено интересни за членовите на Комисијата беа темите кои, меѓу другото, предизвикаа и поголема дискусија, а се однесуваа на одредбите во хрватскиот Закон кои дефинираат негово злоупотребување, потоа за начинот и критериумите за спроведување на тестот на штетност, за (не)примена на Законот во одредени случаи и слично.
Средбата резултираше со Меморандум за соработка меѓу Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Канцеларијата на Повереникот за информирање на Република Хрватска, потпишан од страна на Заменикот претседател на Комисијата, Блерим Исени и Повереничката за информации, Анамарија Муса. Заеднички беше ставот дека документот не претставува само формалност во листингот на мерки и активности за заедничко дејствување, туку основа од која треба да се очекува да произлезат конкретни предлози и активности во насока на подобрување на климата во однос на слободниот пристап до информациите од јавен карактер во сите земји во Регионот. Меморандумот за соработка, како и повеќето заклучоци од работната средба, налагаат  потреба од итно дефинирање на идните заеднички активности, во чија реализација би биле поканети и националните институции од Словенија, Црна Гора, Албанија, Србија и други заинтересирани земји од Регионот.