Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Пеце Ташевски денеска по повод одбележувањето на 28 Септември-Меѓународниот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер и додели благодарница за успешната повеќегодишна соработка на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Сумолаинен.

Комисијата во текот на нејзиното деветгодишно постоење, нагласи Ташевски, го остварува уставно загарантираното право „Имам право да знам“. Во Република Македонија, информира, постојат 1.274 иматели на информации од јавен карактер, во чии рамки има службени лица кои се должни да постапуваат согласно барањата на граѓаните кога ќе се обратат до нив.
– Ако во 2006 година имало само 513 барања, во 2014 година 4.451 барање, во 2015 имаме над пет илјади барања до институциите. Соодветгно на тоа се зголемува и бројката на жалбените постапки односно Комисијата годинава има постапувано по околу 860 жалби, од кои што по 797 има донесено соодветни решенија односно заклучоци, додека 64 се во постапка на решавање, изјави Ташевски.
Тој појасни дека граѓаните имаат законска можност до институците да поднесат барање, а во законски предвидениот рок од 30 дена институцијата треба да одговори, доколку не одговори имаат право на жалба. Во тој случај, рече, настапува Комисијата, ги разгледува жалбите и носи соодветни заклучоци или решенија ако треба да се задолжи одредена институција.
– Поднесените жалби се за пробивање на рокот, но тоа не значи дека не е дадена информацијата, во голем процент од нив, институциите по укажувањето од Комисијата ги дале бараните информации, а странките се задоволни, појасни Ташевски. Во случаите во кои не се даваат информациите, посочи, со решение се задолжуваат имателите на информации да ја дадат бараната информација.
Според Ташевски, граѓаните најмногу ги интересираат информации за имотно-правните односи, додека кај невладиниот сектор во зависност од нивните проекти и сфера.
Амбасадорката Сумолаинен потенцира дека пристапот до информации е клучниот момент за демократијата, а граѓаните, подвлече, имаат право да ги добиваат сите информации кои се однесуваат на одлуките кои институциите ги носат.
– Сите носители на функции мора да ги информираат граѓаните за одлуките без оглед од која страна доаѓаат. Драго ни е што постои законска можност граѓаните да имаат пристап до информации и се надеваме дека тоа се повеќе ќе се искористи, рече Сумолаинен и ги повика граѓаните кои бараат информации од јавен карактер доколку е е потребно да се обратат до Комисијата која го штити нивното право за слободен пристап до информациите.