komisijaПо повод едногодишната примена на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, денеска во Клубот на пратениците во Скопје, се одржа неформална средба на членовите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со претставници на печатените и електронските медиуми. Притоа, беше даден осврт на досегашната примена на ЗСПИЈК, а беа изнесени и најкарактеристичните сознанија од имплементацијата на Законот.
Најголем интерес новинарите пројавија за тоа кои органи се најзатворени во давањето на информации, дали и во колку наврати се поднесени прекршочни пријави, колку имателите на информации го почитуваат словото на Законот и слично.
Беше укажано дека казнените одредби се составен дел на ЗСПИЈК, но дека Комисијата досега не посегнувала по нив чекајки работите да станат појасни, односно да се искристализираат. Но, со оглед дека одредени иматели на информации упорно ги повторуваат во контуинитет истите грешки и не одговараат на барањата на граганите, веќе се подготвуваат 3-4 прекршочни пријави, кои наскоро се очекува да бидат и процесуирани.
Интересно е што за една година од примената на Законот само еден новинар поднел жалба до Комисијата, бидејќи државна институција не му овозможила пристап до барана информација.