По повод 28 септември Меѓународниот ден за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кој се одвива под мотото „Имам право да знам“, Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски, даде интервју за Македонската информативна агенција МИА, кое интегрално го објавуваме:
Кои се најчестите подносители на жалби до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер?
– Во најголем број случаи како подносители на жалби до Комисијата фигурираат Здруженијата на граѓани и фондации . Според податоците од последниот Годишен извештај, од поднесените 1.225 жалби, 151 се изјавени од граѓани, додека 1.074 од од страна на невладини организации. Овие бројки јасно говорат дека од страна на претставниците на невладиниот сектор многу повеќе се користи овој Закон за доаѓање до за нив потребни информации.
Колкав е процентот на решени жалби од барателите од страна на Комисијата?
– Законска обврска на Комисијата е да постапува без исклучок по сите пристигнати жалби до неа и до имателите на информации. Тоа значи дека сите поднесени жалби, Комисијата ги разгледува и донесува соодветни одлуки. Во 2012 година Комисијата постапуваше по 1.225 жалби и донесе 442, решенија и 711 заклучоци, додека 72 жалби беа пренесени за постапување во 2013 година. До септември годинава, во Комисијата се пристигнати 506 жалби, од кои е постапено по 454 жалби.
Колку се запазува рокот од 30 дена за доставување на информациите од јавен карактер до барателите?
– Од досегашното искуство, Комисијата јасно може да посочи дека главниот проблем кај идејата „имам право да знам“ е незапазувањето на законскиот рок предвиден за доставување на информациите до барателите, што и резултира со поднесување на голем број на жалби. Ова произлегува од таканаречениот молк на администрацијата. Да бидеме прецизни: во 2012 година, најголем број од поднесените жалби до Комисијата- 907 жалби или околу 74,04% се поради “молчење на администрацијата“. Комисијата постапува по жалбите и најчесто имателите одговараат по задолжувањето од нејзина страна.
Дали институциите кои се на листата на иматели на информации од јавен карактер ја почитуваат законската обврска за назначување службено лице?
-Во овој сегмент Законот речиси целосно се почитува. Од вкупно 1.256 иматели евиденитирани во овој момент на ажурираната Листа на Комисијата, одговорните лица на само пет институции немаат назначено службено лице за посредување со информациите од јавен карактер. Очекувам во најскоро време по нашите укажувања и во овие институции да бидат назначени службени лица, што ќе значи стопостотна имплементација на Законот од аспект на оваа обврска. Сепак, ќе ја искористам оваа можност да апелирам до раководните лица да се напушта праксата за често менување на службените лица во одредени институции, пред се на оние што минале обука. Назначувањето на неедуцирани службени лица кои не ја познаваат материјата од сферата на слободниот пристап до информациите, се одразува на квалитетот на одговорените барања, а во не мал број случаи е и причина за пробивање на роковите за одговор на поставените барања, што резултира со поднесување жалби до Комисијата.
Комисијата постои од 2006 година. Според Вас, дали граѓаните се информирани за ова свое право?
– Комисијата ја користи секоја можност, за промоција на ова уставно загарантирано право. Како второстепен орган во постапувањето по жалби, како што споменав и претходно, наша обврска е да ги едуцираме и обучуваме службените лица во сите институции. Тие се една од битните алки кои им помагаат на граѓаните да го остварат своето право да дојдат до потребните информации. Покрај ова битен линк претставува и веб страната на Комисијата, на која постои Листата на иматели со телефони, адресни податоци и имињата на службените лица, како алатка која често ја користат граѓаните и претставниците од невладиниот сектор.
Дали постои потреба за подобро информирање на јавноста за користење на ова право, односно дали се во план информативни кампањи?
– Да, потребата за подобро информирање на јавноста секогаш постои, и во таа насока Комисијата планира изготвување на прирачник – водич, наменет
за граѓаните, се со цел подобра промоција на правото за пристап до информации од јавен карактер. Секоја кампања, за жал е поврзана со потребата од обезбедување на финасиски средства, до кои потешко се доаѓа. Во оваа смисла, Комисијата ги користи можностите кои што произлегуваат од веќе воспоставената соработка со меѓународни институции.
Како ги оценувате капацитетите на Комисијата, како и соработката со другите државни институции?
– Согласно Правилникот за систематзација на работни места во Комисијата, систематизирани се 44 работни места, од кои во моментот се пополнети 15. Притоа е добро да се знае дека дел од вработените е преземен од поранешната Агенција за информации, а дел се преземени од Секретаријатот за рамковен договор. Секогаш има потреба од човек повеќе, па во таа насока често се случува вработените да исполнуваат задачи и од друг сектор, во интерес на навременото извршување на задачите. И во иднина ќе настојуваме да се овозможат средства за вработување на лица од правната струка и информатичката технологија, кои во моментот се и најдефицитарни. Соработката со другите државни органи е на коректно, колегијално ниво. Во ова смисла ќе ги споменам и Меморандумите за соработка што Комисијата ги има потпишано со Академијата за судии и јавни обвинители и со Заедницата на едниците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Колку се користат и сте запознаени со најдобрите меѓународни практики во оваа област и дали се применуваат кај нас?
-Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер е релативно нов закон, втемелен и усогласен со европското искуство. Во таа насока впрочем говорат и истражувањата спроведени од страна на релевантниот институт „Центар за право и демократија” и “Access info”, според кои македонскиот Закон е рангиран на 13-то место од вкупно 89 земји во светот. Законот како функционален, современ и отворен е оценет со 112 од максималните 150 поени, кои се добиваат по различни критериуми, меѓу кои најважни се оние што се однесуваат на бројот на исклучоците од слободниот пристап, надзорните механизми и подигнувањето на свеста, односно промоцијата на правото на слободниот пристап до информациите од јавен карактер.
Од моето стапување на функцијата претседател во 2011 година до денес, Комисијата во соработка со Европската Комисија преку инструментот TAIEX реализира вкупно десет експертски мисии, работилници и студиски посети. Експерти од Словенија, Велика Британија, Романија, Малта, Германија, Република Ирска и Естонија, пренесоа компаративни искуства и анализи за законските решенија во нивните земји. Одобрена е уште една работилница преку инструментот TAIEX, но очекуваме да биде прецизиран датумот на нејзиното одржување.
Со првите луѓе на дел од сродните институции од споменатите земји, (Словенија Естонија, Обединетото Кралство, Унагарија, како и со Берлинскиот комисионер) се потпишани меморандуми и писма за соработка.
Во овој контекст вредна за одбележување е и соработката меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а која исто така постојано се продлабочува како резултат на потпишаниот Меморандум за соработка.
Традиционално Комисијата се приклучува кон одбележување на Меѓународниот ден за слободен пристап до информации насловен „Имам право да знам”. Какви активности планирате?
-Комисијата има изготвено План за обуки на локално и регионално ниво, кој што ќе се реализира до крајот на годината, а Меѓународниот ден за слободен пристап до информации насловен „Имам право да знам” го одбележуваме работно, со обука на група службени лица од државни институции во просториите на Комисијата.