Помина првата година откако почна да се применува Законот за слободен пристап до информации, кој им дава право на граѓаните да бараат податоци и документи од Владата, министерствата, јавните претпријатија и други институции што вршат функции од јавен интерес. Незадоволствата што се појавија уште кога се правеше законското решение веќе резултираат со иницијативи за измени во законот, кој се толкува како недоречен. Јанко Николовски, претседател на Комисијата за слободен пристап до информации, оценува дека законот иако несовршен заживува во практиката. Според него, проблеми има и со барателите и со имателите на информации. Треба да помине подолго време додека граѓаните и одговорните во институциите научат како да се однесуваат кон ова ново демократско право во државата, вели Николовски. Според податоците на Комисијата, бројот на предметите годинава е петпати поголем во споредба со лани. Комисијата добила 187 жалби од граѓани што реагирале дека им е скратено правото на информација, а најмногу се против државни институции. Прашања за кои администрацијата најчесто молчела се располагање со парите и донациите, јавните набавки, издавање дозволи за објекти и слично.
Какви се искуствата во првата година од примената за законот?
„Законот не е совршен, има многу недоречености, кои им ја усложнуваат работата на службените лица што треба да даваат информации. Сепак, законот е применлив и живее. Од искуството во една година не може многу да се види. Пристапот до информации е сосема ново право, кое граѓаните делумно не го разбираат. Од друга страна, некои од имателите на информации се со сфаќања од постаро време, понекои се затворени и немаат слух за потребата на граѓаните од овој демократски фундамент„.
Каде повеќе заживеа законот, меѓу тие што бараат информации или институциите што располагаат со нив?
„Тешко е да се одговори. Бројките говорат, што е охрабрувачко, дека рапидно се зголемува бројот на барањата, односно жалбите од граѓаните. Тие знаат за ова свое право иако често не знаат како да го применат. Поради тоа се случува да бараат информации што се од приватен, а не од јавен карактер„.
Признавате дека законот има многу недоречености. Кои се најголемите проблеми?
„Најстрашна е појавата што погрешно ја нарекуваме „молк на администрацијата“. Законот за пристап до информации не е само за администрацијата и затоа посоодветен термин за недавањето одговор е англискиот термин „немо одбивање“. Со немото одбивање се пропуштаат сите рокови„.
Зошто е тој молк, намерен или поради незнаење?
„Двете работи се во игра. Ние не можеме да имаме точна статистика оти немаме набљудувачка задача. Но, затоа ги имаат невладините организации. Без намера да бидам сервилен, Владата направи добар чекор овластувајќи ги владините органи дека во секој случај кога нема да дадат одговор, по 15 дена се смета за одобрено барање. Граѓанинот нема да мора да чека повеќе од 15 дена„.
Ја фалите Владата. Но, многубројни се обвинувањата дека токму Владата не дава информации? 
„Не е точно. Имаме неколку случаи од Владата и во некои од поголемите министерства каде што барателите се оправдано одбиени бидејќи барале класифицирана информација или информација што не постои. Лично контактирам со службеното лице во Владата, кое ми посочи барања на кои Владата одговорила. Граѓанинот може да бара само информација што е готова, а не да бара институцијата да му подготви информација ако веќе ја нема„.
Какви информации бараат граѓаните?
„Помалобројни се граѓаните што се придржуваат до основната идеја на овој закон. Најчесто бараат информации за тендери и други зделки, јавни набавки и слично. При барањето информации мора да се нагласи еден друг проблем со кој се соочуваме. Во ниту еден закон нема дефиниција што е јавен интерес. За тоа се прават процени од случај до случај, што не е во ред. Мора да има јасна дефиниција што е јавен и што е комерцијален интерес, врз основа на што ќе можеме поцврсто да одлучуваме за предметите што стигнуваат кај нас„.
За што најмногу молчи администрацијата?
„Обично за класифицирани документи, таму каде што има аргумент. Или, не се даваат одговори ако службите не го завршиле документот што го бара барателот. Ако документот е во тек на подготовка, треба да се почека. Делумно давање документи со закон не е предвидено„.
Дали сте поднеле прекршочни пријави против министерство, јавно претпријатие или друга институција што го крши правото на граѓани
те да добијат информација?
„Досега не. Чекаме работите да се искристализираат, иако мора да кажам дека има иматели што редовно не одговараат на барањата од граѓаните. Во подготовка се неколку прекршочни пријави и веќе во септември ова прашање ќе го поставиме на дневен ред на Комисијата„.
 Има ли простор за измени во законот?
    „Се разбира дека има. При измени во законот законодавецот треба да ја консултира и Комисијата за слободен пристап до информации. Ние ќе дадеме свој придонес во оној момент кога ќе се иницираат промени во законот од овластен предлагач„.

Парите се тајна?

Владата упорно молчи за парите што ги троши за медиумска промоција на Македонија во странство. И тоа ли треба да е тајна?
„Таква жалба до Комисијата не стигнала. Факт е дека кампањата не е завршена. Дотогаш не може да се даде таков одговор. Никој не е обврзан да даде недовршен документ. Министерството за финансии таков отчет редовно дава во Собранието, при секое носење на буџетот. Имаме жалби од некои баратели против политички партии што не дале отчет за донации поврзани со изборите„.

Нотарите го игнорираат законот

Нотарската комора самопрогласила дека законот не важи за нотарите. Тие одбиле да даваат информации. Николовски вели дека нотарите не можат самостојно да се изземат. Тој објаснува дека законот не важи за нивните лични документи, но важи за актите што ги подготвуваат.
Проблем се јавува и во другите институции со тоа што често ги менуваат службените лица што еднаш ги поставиле за одговорни за пристапот до информации. Поради тоа, Николовски предлага да се размисли за професионализација на оваа функција.

Само една жалба од новинар

За една година само еден новинар поднел жалба до Комисијата дека државна институција не му овозможила пристап до информација.
     „Има две варијанти: Или на сите други новинарски барања било одговорено или медиумот се откажал од понатамошно барање. Сепак, треба да се истакне дека ова е закон за сите граѓани, а не само за новинарите„ – вели Николовски.