Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, учествуваше на завршната манифестација од јубилејната 5-та сезона на проектот „Фабрика на знаење“, организиран од ФОН-Универзитетот од Скопје.
На манифестацијата, покрај Комисијата, учество земаа и компании од приватниот сектор, како дел од овогодинешниот проект „Фабрика на знаење“. Свое излагање пред присутните имаше членот на Комисијата, Валентина Фидановска, која воедно беше и координатор на тимот од Секретаријатот на Комисијата. Фидановска им се заблагодари на студентите од Фон Универзитетот, членови на тимовите А и Б и на нивните професори и ментори, кои својот ангажман за реализација на проектот „Фабрика на знаење“, всушност го преточија во конкретен придонес за популаризација на правото за пристап до информации од јавен карактер. Пред започнувањето на реализација на Проектот, а по утврдувањето на потребите на Комисијата и доставувањето на предлозите од страна на нејзиниот проектен тим во состав: Цвета Трајковска, Жорж Поповски, Реџебије Бељули, Оливер Серафимовски, Билјана Пушева и Александра Стојановска, студентите со професионален и темелен пристап доставија детални заклучоци од истражувањето, интересни и иновативни предлози и решенија, апликации за олеснување на работењето на Комисијата, како и слогани и маскоти, преку кои кои ќе се препознава Комисијата.
По целосна анализа, Комисијата ги избра предлозите, односно идејните решенија подготвени од страна на тимот Б, чии што решенија соодвествуваат со карактерот и потребите на Комисијата. Нивниот предлог понуди ефикасна стратегија за усовршување на информатичкиот систем за работа на Комисијата, како и стратегија за маркетинг и промоција на Комисијата. Фидановска, потенцираше дека “ние како Комисија, цениме дека не станува збор за победници и победени, бидејќи во натпревар на идеи и креации има само предлози или решенија кои поцелосно, поедноставно и поефективно може да се имплементираат во нашето идно работење“.
Со завршниот настан на проектот „Фабрика на знаење“, не завршува соработка на Комисијата со Фон Универзитетот. Напротив, согласно потпишаниот Меморандум за соработка меѓу двете институции, стручни тимови на Комисијата континуирано, преку обуки ќе продолжат да ги едуцираат студентите на Фон Универзитетот во врска со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и неговотото користење како алатка за пристап до информации од нивен интерес. Членот на Комисијата и координатор на тимот од Секретаријатот на Комисијата, Фидановска, на крајот од своето обраќање ја најави можноста двата партнера веќе наесен со заедничка манифестација и активности да го одбележат и Меѓународниот ден за слободниот пристап до информации, кој секоја година се одбележува на 28 септември.