На 10 и 11 јули, во организација на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, во хотелот „Holiday Inn“ во Скопје се одржа дводневна тркалезна маса на тема: подобрување на имплементацијата и примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за безбедност на класифицирани информации и Законот за заштита на личните податоци.
Преку сопствени презентации на тековната состојба од спроведувањето на законите се осврнаа Јанко Николовски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информаци од јавен карактер, Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Лидија Костовска, директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, универзитетскиот професор д-р Борче Давитковски и доцент д-р Ана Павловска-Данева.
Неда Коруновска и Данче Даниловска презентираа искуства од праксата и истражувања на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, додека Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ се задржа на примената и предизвиците на Информатичко- комуникациските технологии (ИКТ) во спроведувањето на споменатите закони.
Целна група на експертските елаборации и презентации на првиот ден од дводневната тркалезна маса беа триесеттина поканети главни и одговорни уредници од македонските медиуми. Предавањата предвидени со програмата за вториот ден беа во функција на подобра едукација на над 30 претставници на банки, осигурителни компании, оператори за фиксна и мобилна телефонија, и интернет и кабелски провајдери.