На 30 мај 2007 година, во хотелот „Holiday Inn“ во Скопје, се одржа работна средба на тема: подобрување на имплементацијата и примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за безбедност на класифицирани информации и Законот за заштита на личните податоци. Овој прв од ваков вид собир, се одржа во организација на Фондацијата Институт за отворено општество – Македонија во соработка со Дирекцијата за заштита на личните податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации и Фондацијата „Метаморфозис“.
Пред претставници од државните институции свои излагања имаа Јанко Николовски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Лидија Костовска, директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и универзитетските професори д-р Владо Камбовски, Борче Давитковски и доцент д-р Ана Павловска-Данева.
Во рамките на оваа работна средба претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер Јанко Николовски имаше две презентации: за соодносот на трите закони и нивната примена и за примената и предизвиците на информатичко-комуникациската технологија во спроведувањето на законите.
Во првото обраќање до присутните, претседателот Николовски особено внимание посвети на „блиските средби“ на трите закони во кои ЗСПИЈК треба да биде водечки принцип, што е афирмирано и како меѓународен стандард. Притоа, тој ја подвлече и неопходната потреба од забрзување и постојана обука на службените лица кај имателите на информации, како гаранција за нивното квалитетно и ажурно работење. Во оваа насока, Николоски оцени дека и професионализацијата на задачите на службените лица може да придонесе за навремено и поквалитетно задоволување на потребите на барателите на информации.
Во втората презентација посветена на примената и предизвиците на информатичко-комуникациската технологија во спроведувањето на законите, Николовски посебно го апострофира драгоцениот придонес што информатичко-комуникациската технологија (ИКТ) може да го има во директната електронска комуникација меѓу имателите и барателите на информации. Почетоците на Е-влада веќе охрабруваат и упатуваат на заклучок дека концептот може да се прошири и да придонесе за посеопфатна и подоследна примена на ЗСПИЈК, подвлече Николовски. Според него, широката примена на ИКТ ќе биде незаменлива и како метод за документирање на целата процедура на слободниот пристап до информациите од јавен карактер.
„Нужноста од електронски зачувана документација има повеќестрани вредности: лесно е достапна, незаменлива како материјал за статистички истражувања, поучна за грешките или недоследностите од било кој учесник во процесот на слободен пристап“, оцени во своето излагање претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер Јанко Николовски.