Европската Комисија преку инструментот ТАIEХ, а во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер организира Експертска мисија на тема: ”Развивање упатства за имплементација на прекршочните одредби и позицијата на политичките партии во областа на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер”, која ќе се одржи од 27-29 септември, во просториите на Комисијата. Во размената на искуства и ставови по однос на темата, покрај г-а Полона Тепина, правен советник во Канцеларијата на Комисијата за информации на Република Словенија, учество ќе земат и претставници од повеќе институции и државни органи од Македонија, како и претставници од Комисијата и вработени во нејзиниот Секретаријат.
Одржувањето на Експертска мисија во Скопје се совпаѓа со одбележувањето на Меѓународниот ден за слободен пристап до информациите од јавен карактер 28 септември во светот и е своевиден придонес на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во популаризацијата на правото на слободен пристап кое кај нас е издигнато на ниво на уставно право.
Денот на Правото на Јавноста да знае е воспоставен од страна на претставници на невладиниот сектор од целиот свет вклучително и од Македонија, лобисти и бранители на идејата за слобода во информирањето, кои во Софија Бугарија, формираа Мрежа на бранители на слободата во информирањето. Основни цели на мрежата се промоција и усвојување на законите за слободен пристап до информациите од јавен карактер во земјите каде што недостасува таква легислатива, како и поддршка во спроведувањето на законите во земјите кои веќе имаат таква легислатива во оваа област. Македонија е една од 80-тината земји во светот што имаат Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер.