Во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX, а во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во просториите на Комисијата се одржа дводневна Експертска мисија на тема: „Компаративни искуства од жалбената постапка и улогата на Комисионерите, Комисиите и другите тела во посредувањето со информациите од јавен карактер“. Покрај експертот од Романија Јон Галеа, членовите на Комисијата и вработените во Секретаријатот, учествуваше и службеното лице од основниот суд Скопје 1.
Поздравувајќи ги учесниците, претседателот на Комисијата Пеце Ташевски, изрази надеж дека работната средба ќе биде вистинска можност за размена на искуствата и добрите практики на Комисијата и судовите од областа на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и жалбената постапка, со експерт од Република Романија. Во изминатите шест години до Комисијата беа поднесени вкупно 2318 жалби, по кои при постапувањето Комисијата секогаш ги имаше во предвид првенствено одредбите од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кој е lex specialis во оваа област, но се разбира ги консултираше и другите законски решенија кои беа засегнати во конкретната постапка, нагласи Ташевски.
Претставници од Секретаријатот на Комисијата го презентираа македонското искуство во спроведувањето на жалбената постапка согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, осврнувајќи се на специфични случаи.
Експертот од Романија Јон Галеа, Генерален директор на правниот оддел во Министерството за надворешни работи на Република Романија, говореше на тема „Жалбена постапка во согласност со Романскиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер од 2001 година“, а се осврна и на компаративните искуства при жалбената постапка, преку презентација на специфични студии на случај од аспект на романското искуство, но и пошироко.
Во Романија, за разлика од Македонија, нема посебна Комисија задолжена за имплементација на слободниот пристап до информациите од јавен карактер и за постапување по жалбите, а главната контрола е во надлежност на судовите. Секој орган или институција на централно ниво е должен да формира оддел надлежен за информации од јавен карактер и канцеларија за односи со медиумите. Според Галеа, обврска на подрачните единици на централната власт е да формираат канцеларија за информации и односи со јавноста и да назначат лице за односи со медиумите, додека општините се должни да назначат лица надлежни за односи со јавноста и односи со медиумите.
Одлуките на судовите се обврзувачки и имателите најчесто ги спроведуваат, но проблем се јавува поради тоа што судовите работат и други предмети, па е евидентно невоедначеното толкување на законите од страна на различни судски инстанци. Доколку судската одлука не биде спроведена во законските 30 дена, предвидена е парична казна од 20 % од минималната бруто плата за секој ден доцнење, додека натамошно неисполнување на судската одлука се смета за кривично дело кое се санкционира со затвор во траење од шест месеци па до три години.