До Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во текот на првата година од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ( 1 септември 2006 година до 10 август 2007 година ) поднесени се 204 предмети .
Првиот писмено поднесен, заведен предмет до Комисијата беше на 18 септември 2006 година, а до крајот на годината вкупниот број достигна 35 предмети, од кои 31 жалба. Ако се земе предвид овој податок во споредба со предметите поднесени до Комисијата во текот на 2007 година, бројот на граѓаните кои сакале но не го оствариле своето право на слободен пристап до информации од јавен карактер е драстично зголемен.
Податоците говорат, сметано по квартали, дека бројот на поднесените писмени предмети е зголемен за околу пет пати, или до Комисијата секој месец просечно (сметано за 11 месеци) беа поднесувани по 18, 5 предмети-жалби.
Поднесени предмети до Комисијата, по месеци за 2006 година
• 1 во септември, 11 во октомври, 12 во ноември и 11 во декември.
Поднесени предмети до Комисијата во 2007 година
• 19 во јануари, 6 во февруари, 7 во март, 17 во април, 34 во мај, 51 во јуни, 32 во јули и 3 до 10-ти август.
Почнувајќи од 1 септември 2006 до 10 август 2007 година до Комисијата се поднесени вкупно 204 предмети , од кои 187 жалби , а останатите 17 предмети се однесуваат на општа преписка.
Комисијата, по разгледувањето на жалбите со целокупната пропратна документација има донесено 112 решенија со кои:
• 40 жалби се уважени и се задолжени имателите на информации да ја дадат бараната информација
• 20 жалби се уважени и предметот се враќа на повторно постапување кај имателот на информацијата
• 42 жалби се одбиени по разни основи
• 6 жалби се отфрлени како неосновани
• 4 жалби се прифатени во еден дел, а во друг дел се одбиени.
Од останатите поднесени жалби :
• за 36 предмети постапката е запрена со заклучок, поради повлекување на жалбата;
• за 18 предмети, исто така, постапката е запрена, бидејќи во меѓувреме на барателот со посредување на Комисијата и укажувањата имателите на информации постапиле по барањето и на барателот му ја доставиле бараната информација и,
• за 21 жалба постапката е во тек.
Повлекувањето на жалбите и запирањето на постапката за 54 жалби, кои се 25 отсто , од вкупно поднесените жалби е резултат на зголемените напори и залагања на Комисијата и нејзината Стручна служба кои со писмена преписка, или усмени контакти и спроведувањето на управната постапка успеаја од имателите на информациите да ги обезбедат бараните информации или документи.
До Врховниот суд на Република Македонија во извештајниот период се поднесени 25 тужби , против Решенија на Комисијата и 4 тужби за предмети за кои Комисијата нема донесено решенија.
Две од тужбите се повлечени од страна на тужителите.
До мај 2007 година кога на Врховниот суд му престана надлежноста да решава по предмети од управна постапка, Судот постапуваше по три тужби против решенија донесени од страна на Комисијата. Судот поништи едно Решение донесено од Комисијата и предметот го врати на повторно постапување, додека тужбите за другите два предмета ги одби како неосновани и ги потврди Решенијата на Комисијата.
* * *
Примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Република Макдонија е, би можело да се каже, на самиот почеток. Од предмет до предмет се јавуваа одредени непознаници и искушенија, кои Комисијата во соработка со имателите на информации по пат на редовна комуникација и взаемна соработка ги надминуваше за да ги задоволи барањата на граѓаните на најдобар и најквалитетен начин.
Основните заложби на Комисијата, која во текот на овој период одржа 47 седници, на кои им претходеа исто толкав број подготвителни, секогаш беа насочени кон решенијата што се вградени во Законот, во функција на транспарентноста, ефикасноста и ефективноста во работењето на државната администрација, судската власт, локалната самоуправа и правните и физички лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, како јавни сервиси на граѓаните.
При донесувањето на решенијата, Комисијата особено внимание посветуваше на уставно гарантираната слобода за слободен пристап до информации од јавен карактер, кое подеднакво го уживаат сите граѓани на Република Македонија. Остварувањето на ова право значи и еден вид сознание или контрола на она што се работи во органите и институциите, чија функција е, во основа да ги штити интересите на граѓаните и да им овозможува полесно и побрзо остварување на неопходно потребните информации или документи, согласно одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Всушност преку примената на Законот, на јавноста и се овозможува да се здобие со соодветен став и да формира критичко мислење за состојбите во кои се наоѓа општеството, како и за оние кои раководат со соодветни ресори, во него и со него, истовремено поттикнувајќи ја желбата за информирање на јавноста за работите кои се од заеднички интерес.
* * *
Анализирајќи ги бројките на поденсените жалби до Комисијата во текот на првата година од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен какактер се доаѓа до следните показатели:
• 125 жалби се поднесени против државни институции, како иматели на информации од јавен карактер
• 17 жалби против судската власт
• 24 жалби против општините
• 16 жалби против јавни претпријатија и установи
• 1 жалба против здравствена институција
• 3 жалби против правни и физички лица кои вршат јавни овластувања
• 3 жалби против образовни институции и
• 9 жалби против политички партии
Комисијата од почетокот на нејзиното конституирање доследно ги почитува и реализира одредбите на Законот, но и мислењата на експертите од оваа област, според кои слободниот пристап до информациите од јавен карактер треба да биде водечкиот принцип во севкупната комуникација меѓу имателите на јавни овластувања и граѓаните, баратели на информации од јавен карактер.
За реализирање на оваа законска одредба, во текот на првата година од имплементацијата на Законот, Комисијата почнувајќи од нула, успеа да подготви и објави листа со вкупен број од 1392 иматели на информации, од кои повеќето со комплетни, а помал број со нецелосни податоци од целата територија на Република Македнија, и тоа:
• 212 државни институции
• 91 судска власт
• 84 општини во Република Македонија
• 94 здравствени устаови
• 112 правни и физички лица кои вршат јавни овластувања
• 293 јавни претпријатија и установи
• 487 образовни институции и
• 19 политички партии
Ваквиот широк опфат на иматели на информации, што го определил законодавецот, го надминува дури и опфатот што го нуди препораката на Советот на Европа 2002-2, за пристап до официјални документи, создава исклучително големи тешкотии во комуникцијата со наброените иматели на информации.
Од досегашната пракса на Комисијата во спроведувањето на постапката по жалби, може да се заклучи дека, во најголем број случаи се работи за барања кои се однесуваат на:
• располагање со буџетски и донаторски средства
• јавни набавки
• издавање на разни дозволи, особено за изградба на одбјекти
• лични и имотни права
• социјалната заштита
• бројот на нови вработувања
• заштита на животната средина
• одлуки на органите на прогонот и правосудните органи и друго.
* * *
Најчесто жалбите и ургенциите од барателите на информации беа доставувани директно до Комисијата, а не како што е пропишано со Законот, преку имателите на информации.
Имателите на информациите на поднесените барања на барателите не им одговарале во законски пропишаниот рок (молчење на администрацијата) и законски предвидената форма.
Многу чест пример, што би требало да се потенцира е тоа што имателите на информациите, наместо да изготват записник при позитивно одговорено барање, или решение при целосно, или делумно одбиено барање, на поднесеното барање одговарале со информација или одговор што не е во согласност со Законот;
Имателите на информации ги одбивале барањата на барателите со образложение дека информацијата е класифицирана, без при тоа да се наведе законската основа, или подзаконскиот акт врз кој подлежи таа класификација;
Некои иматели на информации ги одбивале барањата на граѓаните во целост иако во некои случаи можеле да им овозможат делумен пристап до бараниот документ или информација.
Но, не се ретки примерите кога барателите со едно поднесено барање побаруваат и по повеќе информации од еден имател, а има и случаи кога барателите го злоупотребуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер сакајќи да дојдат до документ или информација, кои произлегуваат од посебна законска надлежност и работа на имателот.
* * *
Со цел да се промовира Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но и да се здобие со нови искуства од оваа област Комисијата постојано беше активна на неколку полиња:
Комисијата во соработка со Генералниот секретар на Владата организираше мини обука за државните секретари и други владини функционери, како и со одговорните лица за посредување со информации од јавен карактер вработени во државните институции.
Во соработка со Фондацијата институтот отворено општество-Македонија и „Метаморфозис“ Комисијата активно и со дел финансиски средства учествуваше во одбележувањето на Меѓународниот ден на слободниот пристап 28 септември под мотото „Имам право да знам!“ со издавање на посебен флаер кој беше диструбуиран во весникот „Дневник“ По истиот повод беа промовирани два прирачника: Водич за службеници и Водич за баратели, кои ги подготви З.Г. Про Медиа со финансиска поддршка на Набљудувачката мисија ОБСЕ-Скопје.
Комисијата беше соорганизатор на Првата регионална средба што се одржа во Скопје со присуство на претставници од осум држави, финансиски поддржана од Набљудувачката мисија на ОБСЕ-Скопје, на тема: „Пристап до информации: Најдобри практики и научени лекции“, а активно учествуваше и на Втората меѓународна конференција: „ e – O пштество.МК”
Претседателот на Комисијата учествуваше на Првата меѓународна конференција на тема „Локалните медиуми во транзиција“, во организација на Студиите за комуникации при Универзитетот Њујорк во Скопје, како и на неколкудневната меѓународна работилница во организација на PAI–Public Administrational International, што се одржа во Лондон.
Комисијата, како една од своите законски обврски, го подготви Годишниот извештај за 2006 година и во законскиот рок го достави до Собранието на Република Македонија на натамошна постапка.
Со цел да се запознае јавноста со правата што ги овозможува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата одржа неколку прес конференцијии, а Претседателот и членовите на Комисијата, во повеќе наврати се осврнаа на значењето на ова ново
право во Република Македонија, гостувајќи во емисијата „Добро утро, Македонијо“, на програмата на Македонската телевизија. Истовремено, Законот и искуствата од неговата примена беа предмет на интерес и кај дневните весници: „Време“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Вечер“, „Нова Македонија“, како и неделникот „Форум“.
Во организација на фондацијата „Институт отворено општество Македонија“ се одржаа три тркалезни маси со истакнати експерти на иста тема: „Подобрување на имплементацијата и примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за безбедност на класифицирани информации и Законот за заштита на личните податоци“. Во реализацијата на работилниците активно партиципираа и членови на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на личните податоци, како и претставници на фондацијата „Метаморфозис“.
Првата средба беше организирана за претставници на имателите на информации од извршната власт, додека целна група на експертските елаборации и презентации на втората по ред тркалезна маса беа главните и одговорни уредници од македонските медиуми. Предавањата во рамките на третата тркалезна маса беа наменети за претставници на банки, осигурителни компании, оператори за фиксна и мобилна телефонија и интернет и кабелски провајдери.
Покрај учеството на организираните средби, Комисијата редовно остваруваше соработка со претставници на дирекциите за заштита на личните податоци и за класифицирани информации, како и со Државната комисија за спречување на корупциијата, со цел размена на искуства и сознанија од практичната примена на законите и надлежностите што произлегуваат од законите со кои се регулирани овие дејности.
За воспоставување на подобра соработка околу имплементацијата на Законот, во локалната самоуправа, која исто така, располага со информации од јавен карактер, членовите на Комисијата остварија работни посети на неколку општини во Република Македонија: Велес, Лозово, Чашка, Штип, Свети Николе, Охрид, Кичево, Берово и Пехчево.
Веб страната на Комисијата секојдневно се ажурира и дополнува со содржини неопходни во функција на што подоследна имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Со цел да се унапреди регионалната соработка во посета на Комисијата, на негово барање, престојуваше Жељко Рутовиќ, помошник министер за култура на Република Црна Гора, задолжен за односите со медиумите и слободниот пристап до информации.