Тајна е колку држави не признале под уставно име, колку се потрошени за „Инвестирајте во Македонија“, колку загадува „Окта“… ова е само дел од неславниот почеток на примената на Законот за слободниот пристап до информации од јавен карактер.
Министерството за надворешни работи не одговара колку држави ја признале Македонија под уставното име, Владата не кажува колку потрошила за кампањата „Инвестирај во Македонија“, МВР не го дава извештајот за примената на Законот за пристапот до тајните досиеја…
Ова е неславниот почеток на примената на Законот за слободниот пристап до информации од јавен карактер, кој е во сила од септември 2006 година. Образот на државните и локалните институции го обелуваат некои општини и министерства. Ова се резултатите од истражувањето на институтот „Отворено општество“, кое се уште трае.
– Во светот граѓаните добиваат 60 до 70 отсто од бараните информации, а кај нас 30 отсто. Нашите институции најчесто не одговараат на барањата. Можеби причина е недоволната информираност за обврските од законот – вели Неда Коруновска, координатор на правната програма во Институтот.
Владата не одговорила на ниедно барање за информација. Законскиот рок за одговор е 30 дена, па против Владата се поднесени жалби затоа што не одговорила на прашањата колку чини кампањата „Инвестирај во Македонија“, а не ги дала ни купопродажниот договор за „Окта“ и одлуката за поделба на ЕСМ. Институциите може да одбијат да дадат информации ако тие се класифицирани, лични или доверливи, но мора да им одговори на граѓаните. Иако информацијата не е никаква тајна, МНР не одговара колку држави ја признале Македонија под уставното име. МВР, пак, одговара на барањата, но најчесто одбива да ги даде, оти се класифицирани. Така, тоа не го дава извештајот за примена на Законот за пристапот до тајните досиеја оти информацијата била строго доверлива, иако таа требаше да биде заштитена 5 години, а е побарана по истекот на тој рок. Истата информација не ја дава ни Државниот архив зашто не била негова. Според законот, информацијата ја дава и оној што ја има.
Министерството за екологија и пред овој закон имаше обврска од Архутската конвенција да дава информации, но сега не одговара на ниту едно барање. На пример, молчи дали има и колкаво е загадувањето на животната околина од „Окта“. Министерството за локална самоуправа го пренасочило барањето за информацијата колкав е долгот на општините за 2006 година. Одговор стасал од Министерството за финансии, но по поднесена жалба поради истек на рокот. Министерството за образование, пак, барателот го упатил во Градот и општините за списокот на училишта во Скопје. Министерството за финансии одговорило колкав е бројот на вработени преку агенцијата за привремени вработувања, а ги дало и стратегискиот план и листата на информации од јавен карактер. На овие прашања, пак, не одговорило Министерството за здравство. Министерството за образование одговорило на дел, а Министерството за транспорт ги одговорило сите, па и прашањето колку дена министерот бил отсутен од работа и колку пари биле потрошени за неговите службени патувања. Истражувањето покажало дека најзатворени се јавните претпријатија. Општините се поотворени. Градот Скопје, Карпош, Кисела Вода, Пехчево, Штип, Велес и Карбинци одговориле на сите барања. Во Аеродром не одговараат со образложение дека биле нова општина, а Бутел барал 9.000 денари за да ја состави информацијата за составот на училишните одбори.
Од политичките партии бил побаран регистарот на донации за изборите, но тие одбиле да ги дадат со образложение дека не потпаѓаат под законот. Тие фигурираат во централниот регистар, па некои од жалбите биле решени во полза на барателите на информации. И нотарите сметаат дека не се опфатени со Законот за слободниот пристап до информации.
Законот предвидува прекршочни казни од 20.000 до 50.000 денари за службените или одговорните лица во институциите што нема да дадат или ќе дадат неточни информации.
Шуто Оризари не сака прашања
Општината Шуто Оризари не сака ни да ги прими барањата на граѓаните за информација. Институтот „Отворено општество“ преку граѓани го побарал Статутот на Општината за да види дали функционира законската обврска информациите да се даваат и на јазикот на заедниците каде што тие се над 20 отсто. На граѓаните не им било дозволено ни писмено ни усно да ја побараат информацијата.