Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 160-та седница го прифати понудениот Договор за соработка меѓу Фондацијата Институт отворено општество Македонија-ФИООМ и Комисијата. Според него, ФИООМ финансиски ќе го поддржи одржувањето на дводневни обуки за граѓаните и здруженијата на граѓани во градовите: Велес, Штип, Кичево, Дебар, Ресен, Струга, Струмица, Гевгелија, Делчево и Кратово. Ова треба да се реализира во периодот до мај 2011 година.
Во дебатата по текстот од Договорот, заменик претседателот Блерим Хисени изрази резерва и ја услови својата согласност со проширување на списокот на градовите и на Куманово, Тетово и Гостивар и со превод на документацијата за обука и на албански јазик. Во контакт со ФИООМ бевме известени дека ова проширување ги надминува предвидените средства во нивниот буџет за оваа намена.
Од нивна страна беше предложена идејата овие барања да се разгледуваат како можност за реализација во втората половина на 2011 година.
Во име на Комисијата (немаше други издвоени мислења) Претседателот, денеска го потпиша договорот.