Студиската посета во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX, беше на тема: „Студија на случај на јавниот интерес„.
Македонската делегација оствари средби во Канцеларијата на Комисионерот за информирање, на кои претставниците на двете сродни институции имаа можност да разменат искуства и знаења се со цел да се унапреди пристапот до информациите од јавен карактер во согласност со одредбите на Словенечкиот закон и истите да се имплементират во Република Македонија по примерот на Словенија.
Генералниот секретар на Комисионерот за информирање, г-ѓа Аленка Јерше, соработникот г-ѓа Јасна Дуралија, соработникот г-дин Урбан Булц и заменикот на Комесионерот, г-ѓа Кристина Котник Шумах, презентираа практични искуства од Словенечката легислатива за слободата на информирање, а посебна сесија беше посветена на исклучоците од слободниот пристап до информации од јавен карактер и спроведување на тестот на јавниот интерес.
Македонската делегација оствари работна средба во Собранието на Република Словенија, со одговорното лице за посредување со информации од јавен карактер, г-дин Игор Ивановиќ и советникот г-ѓа Кармен Углешич, на која беа презентирани практични искуства во врска со поднесени барања од страна на новинарите, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Претставниците на Комисијата остварија работна средба и во Министерството за одбрана, на која Генералниот секретар г-дин Зоран Клеменча и одговорното лице за посредување со информации од јавен карактер, г-ѓа Бреда Бунич, презентираа практични искуства на министерството како првостепен орган кој постапува по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.