Делегација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија, составена од претседателот г-дин Пеце Ташевски, членот г-ѓа Катерина Димеска и помладиот соработник во Секретаријатот, г-ѓа Макфирете Морина, на 12 и 13 ноември престојуваше во работна посета на Канцеларијата на Федералниот Комисионер за заштита на личните податоци и слобода на информирање во Берлин. Студиската посетата во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX, беше на тема: „Обработка на документацијата кај имателите на информации, како алатка за добивање на информацијата.Статистичко-компаративно гледање“. Домаќин на македонската делегација беше г-дин Клаус Гроненберг, министерски советник, раководител на секторот IX-слобода на информирање и шеф на Канцеларијата за врски во Берлин.
Македонската делегација имаше одвоена средба и со Берлинскиот Комисионер за заштита на личните податоци и слободата на информирање, г-дин Александер Дикс, со кого Претседателот на македонската Комисија претходно има потпишано Декларација за соработка меѓу двете сродни институции.
На разговорите стана збор за исклучоците за слободен пристап во македонската и германската легислатива, како и за имплементацијата на законите за слободен пристап до информациите од јавен карактер во двете земји.
До членовите на Комисијата беше упатена официјална покана за учество на Меѓународната конференција за слободен пристап до информации што во септември 2013 година ќе се одржи во Берлин.