Денеска во просториите на Општина Велес, во присуство на над 30 учесници, обучувачи од Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, одржаа обука наменета за граѓаните, на тема: “Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер“. Целта на обуката беше подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на граѓаните со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, можностите кои произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во функција на пошироко запознавање со наведеното човеково право, на присутните им беа поделени примероци од брошурите „До информација“, која е плод на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и мисијата на ОБСЕ во Скопје и „Ти имаш право да знаеш“, продукт на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Обуката ја реализираа стручните лица од Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески и Макфирете Морина.
Настанот беше проследен од електронски и други медиуми.