Законското право за слободен пристап до информации од јавен карактер постои нецела година. Сепак, нема место за задоволство, бидејќи практичната примена не е на посакуваното ниво. Граѓаните поставуваат прашања, трпеливо ги чекаат последните рокови, а администрацијата демонстрира рамнодушност и молчи. Најпогодена категорија се новинарите, за кои податоците обезбедени по еден месец немаат никаква вредност. Отвореноста на институциите за информации се’ уште е голем проблем во Македонија. Доволна потврда за тоа е податокот дека, на пример, на една третина од 660 поднесени барања за официјални информации службените лица не дале никакви одговори! Како можен лек за побрзи и поквалитетни услуги се споменува професионализацијата на овластените службени лица. Експертите укажуваат на неопходни корекции во Законот.
„Законот за слободен пристап до информациите не е совршен, но е применлив“, вели претседателот на Комисијата за слободен пристап до информации, Јанко Николовски, признавајќи дека во кусото време откако постојат, без гратис период, често се случувало и да импровизираат. „Во моментов се регистрирани 1.108 иматели на информации, а со редовното ажурирање очекуваме тој број да се зголеми на 1.500. Посебен проблем е молчењето на администрацијата. Најмногу барања за информации се упатени до Министерството за труд и социјална политика, но но можеме да тврдиме дека тие се најголемите молчачи. Клучен момент на кој мора најсериозно да му се посвети внимание е професионализацијата на службениците. Со редовни обврски плус дополнителната – за давање информации, јасно е кои ќе бидат поприоритетни. Затоа често се случува овие лица да бараат начини за да се ослободат од дополнителната работа“, вели Николовски и додава дека тоа е секогаш на штета на граѓаните. „Ако сакаме демократија, тогаш нејзината цена треба да се плати“, вели претседателот на Комисијата за слободен пристап, објаснувајќи дека само службеници задолжени за давање информации и за ништо повеќе од тоа можат да ја поправат лошата слика.Професорот на Правниот факултет Борче Давитковски потенцира дека се нужни измени во Законот за слободен пристап до информации. Тој посебно посочува на доверливите информации, а во тој контекст предлага прецизирање на дискреционото право на секој имател на информации. „Јавниот интерес може да се утврди само со закон, а не врз основа на дискрециона оцена на имателот на информацијата. Важно е да се обрне посебно внимание на усното барање како право на барателот на информација и притоа да се избегнува трансформација на формата на барањето. Во спротивно се повредува правото на странката“, смета Давитковски. Според него, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер треба да добие можност за водење прекршочна постапка и за изрекување прекршочни санкции.
Експертите тврдат дека институциите не ги објавуваат сите закони, подзаконски акти и специфични конкретни управни акти. Ако состојбата со веб-страниците на Владата и министерствата е поднослива, загрижувачки се оние на јавните претпријатијата и на единиците на локалната самоуправа. Јавните претпријатија воопшто не ги објавуваат извештаите за својата работа, а со тоа го ускратуваат правото за слободен пристап до документи кои по својата природа се јавни и достапни. Компјутерските страници на општините се добро дизајнирани, но само во неколку од нив има каква било, некаде и добра содржина. Другите се празни, потенцираат во Комисијата за слободен пристап до информации.