Во наредниот период, на посетителите на веб страната на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, преку презентирање на кратки вести ќе им биде овозможено запознавање со најспецифичните податоци содржани во Годишниот извештај, што на 13 мај 2010 беше едногласно усвоен од пратениците во Собранието на Република Македонија, а кој интегрално е поставен како банер на страната.
За почеток информираме дека до Комисијата во 2009 година, беа поднесени вкупно 340 жалби, што во споредба со 2008 година кога беа поднесени 670, е двојно помалку. Како причина за намалениот број на поднесени жалби до Комисијата во извештајната година, може да се земе фактот дека, имателите на информации, после три и пол годишна примена се повеќе сознаваат дека се должни да го имплементираат Законот и да дадат отчет за своето работење, да бидат транспарентни и отворени кон граѓаните, баратели на информации. Од вкупниот број жалби, 167 се поднесени од физички лица, додека 173 од здруженија на граѓани и фондации, од кои 58 се од Македонското здружение на млади правници и 57 од Младинскиот образовен Форум.
Фактот дека во наведената година бројот на поднесени жалби од физички лица е речиси еднаков со бројот на жалби поднесени од здруженија на граѓани, може да се земе како показател дека граѓаните се повеќе го користат нивното право на слободен пристап до информации од јавен карактер кое им е загарантирано со Уставот на Република Македонија, а операционализирано во Законот. Големиот број на поднесени жалби од страна на Македонското здружение на млади правници, беше во функција на спроведувањето на проект, врзан за имплементацијата на Законот, од имателите на информации од една, и од Комисијата од друга страна. Целна група на овој проект беа Подрачните единици за имотно-правни работи на општините во Македонија, кои се под ингеренции на Министерството за финансии и на Министерството за правда. Од вкупниот број жалби, поднесени до Комисијата, 273 се поради молчење на администрацијата, 46 се против одговор на имателот на информации и 21 е против решение или заклучок на имателот на информации.
Бројот на поднесени жалби поради т.н. „молчење на администрацијата“ и оваа година беше доминантен, во однос на останатите жалби и укажува на фактот дека имателите на информации доследно не го почитуваат законскиот рок за одговор по пристигнатото барање, кој е пропишан со Законот.