На 24 и 25 ноември на Попова Шапка, со асистенција на сертифицираните обучувачи Маја Лазарова-Крстевска од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Владимир Анчев од Министерството за информатичко општество и администрација, се одржа завршната работилница за воведување на процесот на Заедничка рамка за проценка на квалитет (КАФ) во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.Станува збор за алатка за управување со квалитет, која е создадена од страна на Европскиот институт за јавна администрација, Мастрихт во 2000 година и е наменета за воведување во организациите од јавниот сектор во Европа, со цел да ги подобрат своите перформанси и да се стремат кон совршеност во испораката на јавните услуги за граѓаните и клиентите.
Обврската за воведување на инструмент КАФ во сите јавни институции на централно и локално ниво во Република Македонија произлегува од Законот за воведување на систем за управување со квалитетот во јавниот сектор од 2013 година. Процесот на воведување на КАФ во Комисијата почна во јуни 2015 година, кога беше формиран тим на самопроценка на организацијата и кој врз база на на стручната помош од страна на ОБСЕ, помина низ процесот на проверка на работата и предлагање на мерки за подобрување на работните процеси.
Од вкупно 85 нотирани мерки на завршната сесија на Попова Шапка, со консензус како приоритетни беа утврдени 17 брзи мерки кои е предвидено да се реализираат во следните два-три месеци и 14 стратешки мерки кои треба да се имплементираат до декември 2017 година. Овие активности ќе бидат дел од Акцискиот план за подобрување на Заедничката рамка за проценка на квалитет за периодот 2015-2017 година, по што ќе треба да се иницира нов процес на Заедничка рамка за проценка на квалитетот.