Деновиве почна да функционира бесплатна правна помош за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, која граѓаните можат да ја добијат на бесплатниот телефонски број 0800 44 222.
Правната помош ја обезбедуваат адвокати, членови на македонското Здружение на млади правници, преку имплементирање на проектот “Основање на систем за слободен пристап до информации во Македонија“. Регрутираните адвокати ќе им даваат помош на барателите на информации при составување на жалба, но и ќе ги застапуваат граѓаните пред суд, во случаите кога не им е дозволен пристап до бараните информации.
Проектот е поддржан и реализиран со финансиски средства од шведскиот Хелсиншки Комитет и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија.
За поуспешна промоција на бесплатната правна помош е поставен специјален банер и на веб страната spinfo.org.mk – независен портал дизајниран да ја олесни процедурата на добивање на информации од јавен карактер.