Како носители на локалната власт каде граѓаните најнепосредно ги остваруваат своите права и интереси, општините можат значително да придонесат во имплементацијата на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, дотолку повеќе што (според член 3 став 1) и самите вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес.
Поаѓајќи од ваквото сознание, апелираме до Вас да ни помогнете во утврдувањето на имателите на информации од јавен карактер застапени на територијата на Вашата општина. За таа цел, Ве молиме да ни доставите податоци за евидентираните субјекти (јавни претпријатија, установи и служби, здравствени и образовни институции, органи на судската власт,  како и правни и физички лица кои вршат јавни овластувања, член 3 став 1 од ЗСПИЈК), кои активно егзистираат во Вашата општина. На овој начин многу ќе ни помогнете во натамошното прецизно ажурирање на Листата на иматели на информации од јавен карактер, која не е конечна и која согласно законските обврски мора постојано да се надополнува со нови субјекти.
Напоменуваме дека и по повеќе од две години од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, одделни субјекти и институции, се уште не одговориле на обврската која произлегува од членовите 8 и 9 од ЗСПИЈК, а со која од нив се бара да определат едно или повеќе службени лица кои ќе посредуваат со информациите од јавен карактер, како и да објават листа на информации кои ги поседуваат и располагаат со нив.
Во очекување на бараните податоци, однапред благодариме на разбирањето.