Делегација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер (КЗСПИЈК), составена од Заменик претседателот г-дин Блерим Исени, членот г-ѓа Катерина Димеска и помладиот соработник во Секретаријатот, г-ѓа Макфирете Морина-Сулејмани, активно учествуваше во работата на Региoналната конференција на тема „Слобода на јавното информирање“, што на 18 септември се одржа во Приштина, Република Косово. Во тој контекст, Заменик-претседателот на Комисијата, Блерим Исени, имаше две презентации на темите: „Преглед на моменталните состојби во регионот: институционалната структура, законодавството и имплементацијата на правната рамка во сферата на слободата на јавното информирање“ и „Ефикасност на законот за слободен пристап до јавни информации и практичниот пристап до механизмите за решавање на жалбите“.
Конференцијата се одржа во организација на Канцеларијата за односи со јавност при Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Косово со поддршка на Мисијата на ОБСЕ на Косово, а имаше за цел размена на регионалните практики и примената на легислативата за слободно информирање. Покрај претставници од Македонија и Косово, во работата на регионалната Конференција во Приштина партиципираа и претставници од сродните институции од Словенија, Хрватска, Албанија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, како и од невладини организации.
Претставниците од земјите на Западен Балкан кои се занимаваат со слободата на информирање и заштитата на личните податоци, на Конференцијата во Приштина, меѓу другото, се согласија дека не само што е потребна нивна натамошна соработка, туку и дека е неопходно интензивирање на истата. Учесниците се заложија за формирање на посебен Форум на претставници од земјите од Западен Балкан, кои се занимаваат со слободата на јавното информирање, со цел размена на искуства и унапредување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Со оглед дека правото на информирање е основно човеково право, беше укажано на потребата за доследна примена на Директивата на Европската Комисија бр. 2013/37/ЕУ за реупотреба на информациите со кои располага јавниот сектор. За што поуспешна имплементација на законската легислатива, потребно е да се обезбеди целосна независност на органите надлежни и задолжени за спроведување на законските одредби.
Во истиот контекст беше побарано да се испита можноста регионалната конференција за слободата на јавното информирање, да се одржува еднаш годишно.